Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека непобитен факт е дека постои мито во здравството, но мора да има докази и ги охрабрува сите кои имаат информации да ги пријават во надлежните институции.
„Добиваме пријави и информации во Министерството за здравство, ги информираме директорите. Веќе има една акција. Ние го даваме нашиот максимум, вработувања, колективен договор, покачувања на плати, бараме и од медицинскиот персонал да бидат коректни и да ја вршат својата должност како што треба“.
Таравари рече дека нема да го открие идентитетот на докторот, бидејќи постои презумпција на невиност. Прашан дали треба да му биде одземена лиценцата од Лекарската комора, рече дека смета дека секако дека треба, но за тоа треба да каже претседателката на Комората.
„Имаше пријави и за Хирушките клиники во Скопје, но утврдивме дека немало ништо, дека станува збор за редовна операција. Треба да бидеме внимателни со сите пријави, не држат сите. Имињата ќе бидат објавени откако ќе се констатира нешто. Не сме ние судии и полиција. Ги охрабрувам сите кои имаат докази и информации, да пријават кај мене, во Министерството за здравство, во полиција или кај директорите на болниците со кои сум во секојдневна комуникација“, рече министерот.