Експлозија на бомба пред клиника за неплодност во Калифорнија во која загина едно лице, а четири беа повредени, претставува терористички чин, соопштија официјални претставници на ФБИ, пренесува Би-Би-Си.
Експлозијата се случи во центарот на Палм Спрингс. Претставници на клиниката соопштија дека никој од установата не е повреден.
Шефот на полицијата во Палм Спрингс рече дека експлозијата оштетила неколку згради, од кои некои сериозно.
ФБИ соопшти дека тоа бил намерен терористички чин.
„Истрагата ќе утврди дали станува збор за меѓународен или домашен тероризам“, рече шефот на канцеларијата на ФБИ во Лос Анџелес.
Клиниката на Американските репродуктивни центри (ARC) е центар за плодност и лабораторија за ин витро ополување (IVF) и нуди услуги вклучувајќи проценка на плодност, донација на јајцеклетки и замрзнување, репродуктивна поддршка за истополови парови, како и сурогат мајчинство за таа популација.
ARC соопшти дека експлозијата се случила на паркингот во близина на зградата.
Клиниката соопшти дека нивната лабораторија, вклучувајќи ги сите јајцеклетки и ембриони, останала неоштетена.
„Спроведовме безбедносна инспекција и потврдивме дека нашите операции и чувствителни медицински области не беа погодени од експлозијата“, се наведува во соопштението на клиниката, но д-р Махер Абдалах, кој е директор на клиниката, рече дека канцеларијата на клиниката е оштетена.