„Имаме многу сериозен процес на воведување на режим, дури и побрутален од тој што го правеше Никола Груевски. Гледајте каков е ставот на премиерот, каков е неговиот став кон судството. Единствен премиер во демократската држава којшто се заканува и мафта со лисици од собраниска говорница е Христијан Мицкоски, тоа го нема во ниту една развиена земја“ изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче во емисијата „360 степени“.
Тој додаде дека се случува вистинска партизација во државата на сите нивоа.
„Се менуваат закони за да се спојат комисии, второстепените комисии се сега споени, тоа е комисија којашто ја бира Собранието и којашто поранешните членови имаа мандат, а ВМРО-ДПМНЕ не знаеше како освен да смени закон и тие да се укинат, да се формира ново тело. Брутална партизација се случува и во структурите на безбедноста“ рече Филипче.
Тој додаде дека се бркаат луѓе од работа, се поставуваат партиски луѓе на клучни институции, а бруталната партизација се види и со информациите дека факултетската диплома на новоназначениот директор на АНБ, Христовски не е соодветна.
„Значи е можно тој да не ги исполнува условите да биде на таа позиција“ истакна Филипче.
Тој додаде дека дури и граѓанската комисија за граѓански надзор на следење на комуникациите во Собранието сега ја сочинуваат луѓе со партиски книшки на ВМРО-ДПМНЕ.