Лидерот на СДСМ Венко Филипче во емисијата 360, остро ја критикуваше Владата и ВМРО-ДПМНЕ за, како што рече, срамната блокада на предлог-законот за помош на семејствата погодени од трагедијата во Кочани.
Тој рече дека „владата нема легитимитет одамна, веќе од пред неколку месеци кога стана јасно дека воопшто не се заинтересирани и лошо ги менаџираат сите проблеми“. Тој ја опиша економската состојба како „девастирана“, а стандардот на граѓаните како „руиниран“. „Луѓето не може крај со крај да врзат. Цените се надвор од контрола. Луѓето не можат една кошничка да купат и да пополнат“, додаде тој.
СДСМ нуди конкретна и искрена политика: „Ние разговараме за реалните проблеми на граѓаните и им нудиме реални и изводливи конкретни решенија“, истакна Филипче.
Филипче оцени дека власта живее изолирана од реалноста. „Очигледно е дека се затворени во некој меур, гневот на граѓаните не го слушаат. За разлика од нив, јас сум во комуникација со обичните граѓани коишто укажуваат на проблемите“, рече Филипче.