На прес конференцијата денеска Филипче најави масовна теренска кампања на СДСМ после празниците.
„СДСМ не смее и нема да ги заборави луѓето. Не смееме да ги оставиме на маргините и со чуство дека не може ништо да направат во ситуација кога власта не се грижи за нив и за реалните проблеми. Ова сака токму ВМРО-ДПМНЕ, да ги убеди дека мора да се помират со политиките пропагирајќи им дека ете тие биле непобедливи сега“, истакна претседателот на СДСМ Венко Филипче.
Реалноста е сосема различна, животот е многу тежок, проблемите се товарат еден врз друг, рече Венко Филипче и додаде дека СДСМ направи грешка со тоа што се одалечи на некој начин од граѓаните кога беше на власт и дека таа грешка ќе биде исправена. „До крајот на годината завршуваат сите процеси во партијата, а потоа ќе излеземе на терен и ќе ја промовираме нашата визија и нова платформа со која ќе понудиме реални решенија, нови луѓе и нови политики. Ова ќе биде политика на СДСМ каде граѓаните ќе бидат на прво место“, рече претседателот на СДСМ Венко Филипче на прес конференцијата на која ги оцени политиките на Владата во изминатите шест месеци.