Министерството за правда информира дека интензивно работи на измени на Законот за Судскиот совет и Кривичниот законик, укажувајќи дека во изминатиот период се формирани работни групи за изготвување на предлог измените и дека очекува во најскоро време работните групи да излезат со предлог законски решенија.
За претседател на работната група за изменување и дополнување на Законот за Судски совет именувана е Мирјана Лазарова Трајковска, судија во Врховен суд на РСМ.
Членови на работната група се Денис Прешова, вонреден професор на Правен факултет „Јустинијан Први” – Скопје; Александра Деаноска Трендафилова, професорка на Правниот факултет ,,Јустинијан Први” – Скопје; Александар Камбовски, Претседател на Судски совет на РСМ; Аритон Ала, член на Судски совет на Република Северна Македонија; Зоран Герасимовски, судија во Апелационен суд Скопје; Исмета Амет, судија во Виш управен суд на РСМ; Ивана Петковска, претставник на БЛУПРИНТ групата на граѓански организации; Јелена Кадриќ, претставник на БЛУПРИНТ групата на граѓански организации; Александра Цветановска, посебен советник на министер во Министерство за правда на РСМ и Николина Микеска Костадиновска, раководител на сектор правосудство, Министерство за правда на РСМ.
За претседател на работната група за изготвување на предлог измени на Кривичниот законик именувана е Д-р Александра Деаноска Трендафилова, професор на Правен факултет ,,Јустинијан Први,, – Универзитет ,,Св.Кирил и Методиј,,- Скопје.
Носењето на нов закон за Судски совет е врзано со реформската агенда на ЕК за раст на Западен Балкан и треба да биде донесен до јуни годинава.
Паралелно со измените на КЗ, тече постапката и за нов Кривичен законик, кој како што претходно информираа од МП е завршен и чека мислење од Европската комисија по што ќе биде доставен во владина и собраниска процедура.
Со измените на Кривичниот законик донесени во септември 2023 година, Европската комисија во Извештајот за 2024 оцени дека ја ослабнале правната рамка негативно влијаејќи на гонењето на корупцијата, порачувајќи дека земјава во следната година треба да донесе нов Кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди.
Според ЕК, земјава во наредната година освен што треба да донесе нов Кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди, треба да го подобри своето досие на случаите на висока корупција – со навремени, професионални и транспарентни проактивни истраги, конечни пресуди и враќање на средствата, вклучувајќи конфискација на криминални средства, конфискација базирана на вредност, продолжена конфискација и конфискација од трето лице.