Францускиот амбасадор во Косово, Оливие Геро, денеска изјави дека Косово може да се самоизолира ако ги игнорира меѓународните пријатели и не ги почитува обврските што ги презело.
„Првата порака е: Косово не е изолирано, освен ако не се изолира самото. Вие не сте изолирани. Ние, петте (Квинта), други земји од ЕУ, го поддржуваме Косово со години. Неодамна го препрочитав нашето правно мислење за Меѓународниот суд на правдата од 2009 година, кое објаснува зошто Франција го поддржа Косово во 1999 и 2008 година“, рече Геро додека учествуваше на конференцијата „Косово до Европската Унија: Патот до решение“.
Францускиот амбасадор додаде дека поддршката на неговата земја е се уште присутна.
„Поддршката на Германија е сè уште тука. Вие не сте изолирани. Косово не е остров. Тоа е во средината на регион кој е дел од самиот континент. Значи, не сте изолирани, освен ако не се изолирате себеси. Како се изолирате себеси? Со тоа што не ги слушате вашите пријатели, негувате морална самодоволност, наоѓате секоја можна причина да не ги почитувате вашите претходни обврски. Затоа, ве молам, слушајте ги вашите пријатели“, додаде Геро.
Конференцијата организирана од Движењето „Пад“ (Зборувај) и Институтот за политички студии од Приштина е посветена на моменталната политичка блокада на патот на Косово кон ЕУ и застојот во процесот на нормализација на односите со Србија.