Г.г. Стефан: Кочанското страдање на најсуров начин повторно нè соочи со немилосрдната стварност на смртта

Православните верници денеска го слават Денот на Христовото воскресение Велигден кој не е само најголемиот туку и најстариот христијански празник што се празнува од вториот век. Тој е суштината на христијанството, потврда и на самата вера зашто како што рекол свети Апостол Павле: „Ако Христос не воскреснеше празна ќе беше и нашата вера“. Затоа на Велигден пееме: „Христос воскресна од мртвите,/ со смртта, смртта ја победи,/ и на оние што се во гробовите/ живот им дарува“.

Синоќа граѓаните беа во соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, но и во другите храмови на Македонската православна црква каде на полноќ ја слушнаа радосната вест за Христовото воскресение.

Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Во неговото велигденско послание беше спомената и трагедијата во Кочани во која животот го загубија 62 лица, а 200 се повредени.


„Овогодишниот Велигден го доживуваме поразлично од досега. Имено, во текот на овогодишниот предвелигденски период пострадаа шеесетина наши чеда, а повеќе од двесте беа повредени во страшниот пожар во Кочани. Трагедијата за кусо време, како ретко кога, го сплоти во тага и во молитви сиот наш народ, но и сите оние коишто сочувствуваа со нас. Истовремено, кочанското страдање на најсуров начин повторно нè соочи со немилосрдната стварност на смртта. Во молитвеното испраќање на овие млади луѓе и во привремената разделба со нив, ништо друго не можеше да ни даде сила и утеха освен простувањето од нив со бодра надеж во воскресението. Затоа годинашнава велигденска светлина ја очекувавме и ја дочекуваме со уште поголема духовна усрдност. И во овој миг да се потсетиме и на оние коишто го жртвуваа и сопствениот живот, за да спасат што повеќе други животи. Во нив силно заблеска евангелската порака за љубовта кон ближните, упатена од воскреснатиот Господ: Ова е Мојата заповед: да се љубите еден со друг, како што Јас ве возљубив. Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи некој својата душа за своите пријатели“, рече во посланието г.г. Стефан.

Најголемиот христијански празник – Велигден, оваа година и православните и католичките верници го слават на ист ден – 20 април. Ваквото поклопување не се случува често, бидејќи источната и западната црква користат различни календари (јулијански и грегоријански), но годинава датумите се совпаѓаат.

Оваа година и православните и католичките верници го слават Велигден на ист ден – 20 април. Ваквото поклопување не се случува често, бидејќи источната и западната црква користат различни календари (јулијански и грегоријански), но годинава датумите се совпаѓаат.

Двата најважни празници во христијанството се Божиќ и Велигден, денот на раѓањето и денот на воскресението на Исус Христос. Датумот на Божиќ е утврден – тоа е 25 декември, и во јулијанскиот и во грегоријанскиот календар. 

Велигден, пак, секоја година паѓа на различен датум, што многумина збунува. Иако секогаш се слави во недела, правилата за одредување на датумот на овој празник не се едноставни – тие вклучуваат астрономија, математика и вековна црковна традиција.

Велигден мора да падне по пролетната рамноденица, во неделата по полната месечина, на 14-тиот ден од еврејскиот месец нисан. Но, постојат неколку причини кои дополнително го комплицираат сето ова. Како прво, астрономските набљудувања не се користат за одредување на денот на пролетната рамноденица и полната месечина, туку Велигденски таблици – јулијански и грегоријански. Затоа, може да се случи „црковната“ полна месечина да се разликува од реалната и до неколку дена, што директно влијае на датумот на празникот. 

Втората, најважна причина за разликата во датумот на „православниот“ и „католичкиот“ Велигден е еврејскиот празник Пасха. За православните христијани, Велигден мора да биде по празникот Пасха – кој е клизен, според еврејскиот лунарен календар. Тоа има и длабоко теолошко значење, бидејќи Христовото воскресение се случило по Пасха. На овој начин се зачувува хронолошкиот и симболичкиот редослед на библиските настани. На оваа пресметка за славење на Велиден по Пасха се придржуваат и православните цркви кои го прифатија Грегоријанскиот календар за празнување на Божиќ. 

Католичката црква не ја смета оваа врска задолжителна, па затоа Велигден понекогаш паѓа и пред Пасха.

По годинашното совпаѓање, догодина православната и римокатоличката црква, повторно различно ќе го слават Велигден. Православните верници Воскресението Христово во 2026 година ќе го одбележат на 12 април, а католичките една недела порано на 5 април. 

Последното славење на Велигден на ист ден беше во 2017 година, а следното ќе биде на 16 април 2028. 

Зачлени се на нашиот е-билтен