Гаши не сака да коментира за претседателката на ДКСК, апелира надлежните да ја завршат својата работа без притисоци или влијанија

По актуелните настани поврзани со претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Татјана Димитровска, попладнево од Кабинетот на претседателот на Собранието велат дека доколку низ судска постапка се потврдат наводите, тогаш претседателот на Собранието без двоумење ќе иницира соодветна собраниска процедура за разрешување.

„Почитувајќи го начелото на презумпција на невиност и независноста на судските органи, претседателот на Собранието се воздржува од какви било прерани коментари. Основен приоритет е да им се овозможи на надлежните институции да ја завршат својата работа без било какви притисоци или влијанија. Сепак, доколку наводите бидат потврдени низ судска постапка, претседателот на Собранието ќе постапи без двоумење и ќе иницира соодветна собраниска процедура за разрешување“, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот на Собранието. 

Одговорноста за зачувување на кредибилитетот и интегритетот на институциите, како што се наведува, е врвен приоритет и обврска која не трпи компромис.

Поранешната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска, денеска во изјава за медиумите рече дека со овој случај и се нанесува тешок удар на Комисијата и дека претседателката на Комисијата треба да си поднесе оставка од функцијата, затоа што на овој начин сè уште ја инфицира институцијата. Според Ивановска, на потег сега е законодавниот дом пред кого одговараат и претседателката и членовите на Антикорупциската комисија. 

Зачлени се на нашиот е-билтен