На Донаторската вечер со телефонски јавувања на ТВ Канал за помош на настраданите во Кочани, претседателот на Собранието Африм Гаши, порача дека е „крајно време да определиме приоритети во државата и да не се делиме по идентитети зашто се уморивме од тоа“. Како што рече, „секој се гледа во потенцијален иден ризик и ова треба да биде последен аларм што треба да нѐ отрезни“.
„Пред се сме луѓе и заеднички треба да ги градиме институциите. Лично донирав, но мислам дека треба да ги поттикнеме сите граѓани колку што можат да донираат и како општество да реагираме на тој начин и нашите институции да се стават во функција на ситуацијата. Да го дадеме целиот капацитет, а тој не е мал, зашто имаме одлични професионалци, меѓу кои се и докторите. Ако така реагираме, убеден сум дека одговорот ќе биде добар и ќе има утеха за оние кои ги изгубиле најблиските иако тагата не може да ја надоместиме“, рече Гаши.
Во врска со реакции во јавноста зошто Собранието, покрај минатата, не работи и оваа седмица, Гаши одговори дека Собранието работело и претходната и оваа недела, но немало пленарни и комисиски седници во знак на почит. Тоа, рече, било договорено на координација т.е. на состанок на координаторите на пратеничките групи.
„Нема седници во знак на почит, за да нема дефокус и да отвораме други теми на политикантство и дневна политика од кои граѓаните ќе се згрозат. Сакавме да покажеме солидарност и емпатија“, рече претседателот на Парламентот.
Собранието не донирало како институција за помош по несреќата во Кочани туку одлучиле, рече, „секој пратеник да донира по своја волја и совест“.
„Но уверен сум дека веќе донирале и ги повикувам оние што не донирале, тоа да го сторат“, рече Гаши.