Собранискиот спикер, Африм Гаши, денеска изрази задоволство од распоредот на силите во Собранието, бидејќи како што рече, мнозинство е стабилно и може да биде и поголемо од 70 пратеници, односно да стигне и до „две третини“. Ваквото видување, спикерот го даде на прес-конференција по повод една година од овој парламентарен состав. Се чисти сцената, додаде тој, и се знае како ќе продолжи со работа Собранието.
„Можно и да се зголеми. Зборуваме за над 70 пратеници… Во оваа ситуација зборуваме за околу две третини во Собранието, рече Гаши нагласувајќи дека за нив е што поважно што поголем број пратеници да се приклучат на искрената заложба за зголемување на животниот стандард да се реализира“, рече Гаши.
Гаши посочи дека со ратификацијата на Договорот за стратешко партнерство со Велика Британија, во Собранието, на повидок е успешна година за сите граѓани.
Во однос на уставните измени, го повтори ставот дека е потребна предвидливост на процесот за да бидеме сигурни дека тој нема да биде билатерализиран. Гаши кажа дека на сите средби надвор од државата и со странски претставници се бара поддршка за да нема повторна блокада за нашиот почеток на преговори со ЕУ.
Инаку Гаши денеска го презентираше Извештајот за првата година од мандатот, испраќајќи порака до граѓаните дека Собранието не е храм на власта, туку дом на секој граѓанин. Тој истакна дека од првиот ден работи посветено на изградба на цврста комуникациска врска меѓу институцијата и народот.
„Оваа година не беше едноставна и лесна, но преземајќи го мандатот ја прифатив одговорноста и можноста да се реализира една јасна визија – создавање народно Собрание кое е отворено, транспарентно и ефикасно, секогаш во служба на граѓаните. Мој приоритет беше, секако, остварувањето на законодавната функција, преку редовно свикување на седници, воспоставување праведни и правични практики, вклучувајќи го и спречувањето на злоупотребата на ЕУ-знамето, како и координацијата и развојот на конструктивен дијалог со пратениците и институционалните актери со цел постигнување консензус во донесувањето одлуки“, истакна претседателот Гаши.
Гаши нагласи и дека транспарентноста и дигитализацијата се темелот на неговиот лидерски пристап, така што во текот на оваа година се лансирани три дигитални платформи, кои ја олеснуваат пристапноста до информациите и ја зголемуваат инклузивноста.