Никогаш не сме биле толку блиску до Европската унија, треба да направиме само еден чекор, којшто според мене е безболен чекор иако го претставуваат како голем удар врз македонскиот народ, а тоа е внесувањето на шесте народи во преамбулата, изјави денеска поранешниот премиер Љубчо Георгиевски на трибината „Размислувања за иднината на Северна Македонија“, во организација на Странка на Демократска акција (СДА) на Македонија .
Во своето излагање, Георгиевски истакна дека потребно е да се промени начинот на менаџирање на историската комисија која преговара со бугарската страна и посочи дека потребен е дипломатски пристап.
– Се прави драма од нешто што навистина ниту ја негира Македонија како држава, ниту го негира македонскиот идентитет, ниту пак нешто драматично ќе се случи со влегувањето на шесте народи во Уставот
Новата Влада ја менува стратешката ориентација на Македонија, оцени поранешниот премиер, а тоа според него, се гледа со земањето на унгарскиот кредит и големото пријателство со Унгарија и Србија.
– Македонија со новата Влада очигледно ја менува својата стратешка ориентација и според мене тоа не се гледа само според кредитот што е земен и големото пријателство кое се демонстрира, не само со Унгарија, туку и со Србија. Гледаме дека веќе и проектот Отворен Балкан, со отсутството на Еди Рама останува практично само српскиот свет што го знаеме, како контури, рече Георгиевски.