Германија под топлотен удар: Температури до 40 степени, опасност од пожари

Германија денеска се соочува со најтоплиот ден од почетокот на годината, со прогнози за температури до 40 Целзиусови степени, јави ДПА повикувајќи се на германската метеоролошка служба.

Во некои региони веќе е издадено предупредување за екстремна горештина. Вчера во градот Кицинген во Баварија се измерени 37,8 степени.

Според прогнозите, топлотниот бран ќе биде проследен со грмотевични бури, а поради високите температури се зголемува и ризикот од шумски пожари. Еден од пожарите во Горишхајде, на границата меѓу Саксонија и Бранденбург, сè уште е активен.

Во текот на вчерашната вечер, германските служби за итна помош спасиле десетици патници од воз кој останал блокиран на железнички премин во провинцијата Долна Саксонија. Возот останал без ладење, па температурата во вагоните нагло се зголемила. Двајца малолетници се хоспитализирани.

Највисоката измерена температура во Германија досега е 41,2 степени, забележана на 25 јули 2019 година. Овој рекорд не се очекува да биде надминат денеска.

Според здравствени експерти, најмногу се загрозени децата и постарите лица. Се проценува дека околу 6.000 луѓе починале поради последици од горештините во 2023 и 2024 година. 

Зачлени се на нашиот е-билтен