Американскиот државен секретар Марко Рубио го пречека својот германски колега, министерот за надворешни работи Јохан Вадефул, во Вашингтон во прва официјална посета на Вадефул на САД.
Посетата на Вадефул доаѓа пред планираната посета на канцеларот Фридрих Мерц за разговори со претседателот Доналд Трамп, за која се уште не е одреден датум. Мерц и Вадефул ја презедоа функцијата на 6 мај по изборите во февруари.
Пред посетата, Вадефул посочи дека ќе бара трансатлантска соработка во справувањето со рускиот претседател Владимир Путин и во справувањето со континуираните напади врз Украина.
„Мора да го продолжиме притисокот, за Путин конечно да седне на преговарачката маса, за Русија конечно да влезе во сериозни преговори“, рече тој.
Американски медиуми јавија пренесувајќи вест на Ројтерс, дека НАТО ќе побара од Германија да обезбеди уште седум бригади, или околу 40.000 војници, за одбрана на алијансата.
Висок воен функционер, кој, како и други извори, зборуваше под услов да остане анонимен, рече дека целта за вкупниот број бригади што сојузниците на НАТО ќе мора да ги обезбедат во иднина ќе се зголеми на помеѓу 120 и 130.Ова би значело зголемување од околу 50 проценти во споредба со сегашната цел од околу 80 бригади по земја-членка, рече изворот.
Портпаролот на Министерството за одбрана во Берлин рече дека не може да потврди какви одлуки ќе донесат министрите за одбрана на НАТО следната недела, како и лидерите на НАТО на самитот во Холандија на крајот на јуни.