Граѓаните ги споделија проблемите со пратениците – заврши годинашниот Парламентарен карван

Како се носат законите, локални проблеми, намалување на иселувањето на младите, вештачка интелигенција, дали Парламентот има стратегија, лични проблеми… се само дел од прашањата што во изминатиот месец ги слушнале пратениците кои беа дел од парламентарниот карван кој што се одржуваше под мотото „Собранието за граѓаните, отворено и одговорно“, а којшто денеска имаше завршен настан во Скопје. 

Во Жена паркот во Скопје, каде се одржуваше настанот, се собраа повеќе граѓани, ученици, претставници на граѓански организации, минувачи… кои разговараа со пратениците и со претставници на други служби во Собранието. Тие имаа можност да се запознаат од поблиску со работата на законодавната власт и да се сретнат со пратениците од своите општини.

Таму беа и претставнички на женските организации кои можноста за средба со народни избраници од различни пратенички групи ја искористија да лобираат на листите за претстојните избори да има половина мажи, половина жени или 50:50, иницијатива дадена во декември 2022 година. Нивните заложби се барем 30 проценти од предложените кандидати од секоја политичка партија да бидат од помалку застапениот пол.  

Парламентарен карван годинава опфати девет општини Ресен, Крушево, Кратово, Крива Паланка, Валандово, Неготино, Тетово, Кичево и Куманово. Притоа, преку разни активности, беше испратена клучната порака на манифестацијата – дека Собранието како институција е одговорно пред граѓаните.

Сања Лукаревска од СДСМ вели дека ова е завршница на еден караван што треба да продолжи и во иднина.

„Денеска гледате тука огромен број дечиња. Сметам дека една ваква пракса на пратениците независно од нивната политичка припадност заедно и со дечињата и со огромен број граѓани треба да ја почитуваме и да продолжи една ваква традиција во иднина. Благодарност и за НДИ“, рече Лукаревска.

Пратеничката Лукаревска кажа дека се воодушевила од сите прашања што биле поставени од граѓаните за време на караванот, пред се, од младата популација, кои биле доста заинтересирани за вештачката интелегенција, за европската иднина, дали има стратегија парламентот и политичките партии, задржување на младите во државата, локални прашања и проекти што ги ветувале градоначалниците.  

„Ова е многу убава активност која не за првпат ја прави Собранието и во оваа активност многу е интересен пристапот заради тоа што ние најнапред сме заедно, настапуваме како пратеници. Овде малку политиката е настрана и во најголем процент проблемите кои граѓаните ги кажуваат се повеќе од локален карактер отколку баш она што е наша примарна цел законодавството, носењето на законите“, изјави пратеничката Бети Стаменкоска Трајкоска од ВМРО-ДПМНЕ.

„Денеска сме собрани за отворениот ден на Собранието, поддржан од Швајцарската влада, пратениците да имаат директен контакт со граѓаните. Како што гледате тука се собрани поголема група на граѓани. Караванот трае подолг временски период, се одржа во повеќе места во Македонија. Тука се собрани поголем број пратеници, пред се, од Скопје и секој граѓанин може да им постави поголем број прашања. Во контакт со граѓаните можеме да дојдеме до реалните потреби  кои ги имаат, да слушнеме со какви проблеми се соочуваат и како пратеници адекватно да делуваме во рамки на нашите надлежности. Пред се, можеме да им помогнеме на граѓаните во воспоставување директни контакти со другите институции, но и во донесување на конкретни законски решенија коишто во иднина ќе го подобрат животот на секој еден граѓанин“, рече Станковиќ.  

Пратениците кои беа дел од караванот, Драган Недељковиќ, Дијана Тоска, Сергеј Попов и Малиша Станковиќ велат дека и за нив, но особено за граѓаните е важно оваа активност на Парламентот да продолжи.  

Оваа активност на Собранието е во рамки на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП) за 2025 година, финансиски поддржана од Швајцарската Конфедерација, а спроведувана во соработка со НДИ, ЦУП и ИДСЦС. 

Зачлени се на нашиот е-билтен