Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, објави дека добил тужба за клевета против пратеничката и поранешна министерка Славјанка Петровска, откако Граѓанскиот суд во Скопје донел првостепена пресуда во негова корист. Според него, судот утврдил дека Петровска јавно ширела невистини и ѝ наложил не само извинување, туку и објавување на пресудата во медиумите.
”Ова не е моја лична битка, туку битка за вистината и за достоинството на секој што не прифаќа лагите да останат неказнети“, порача Мицкоски преку објава на социјалните мрежи, додавајќи дека “вистината победува”.
Петровска, пак, кратко му возврати преку коментар на неговиот пост: „Премиере, само да напоменеме, не се појавивте на суд и спорот заврши во едно рочиште. Среќна 1949 година.“
Според ТВ24, таа ќе поднесе жалба на оваа одлука на Скопскиот граѓански суд.
Судската пресуда засега е првостепена и не е правосилна.