Грчките опозициски партии остро ги критикуваа најавите на владата за финансиска помош на ранливите категории на населението, наведувајќи дека владата на премиерот Киријакос Мицотакис дели „милостини“ за да освои политички поени.
Мицотакис, кој е и лидер на конзервативната партија Нова демократија, оваа недела објави дека владата ќе издвои една милијарда евра за мерки за помош на пензионерите со ниски приходи, за станарите и за зајакнување на јавните социјални услуги, објавува весникот „Екатимерини“.
Соопштението дојде откако податоците од европската статистичка агенција Евростат покажаа дека Грција имала фискален суфицит од 1,3 проценти од БДП во 2024 година, во споредба со дефицит од 1,4 проценти една година претходно.
Мицотакис рече дека станарите ќе добиваат еден месечен надомест за кирија секоја година во ноември, како начин за справување со кризата со домувањето во Грција. Оваа мерка, рече тој, ќе се спроведува паралелно со други програми насочени кон овозможување на младите парови да купат стан или куќа.
Исто така, на крајот на ноември, пензионерите и лицата со попреченост ќе добијат паушален надомест од 250 евра. Премиерот рече дека 500 милиони евра ќе бидат инвестирани во програма за јавни инвестиции што треба да ги забрза јавните и социјалните проекти.
Опозициските левичарски партии Пасок, Сириза и Грчката комунистичка партија (ККЕ), како и други претставници на опозицијата од целиот политички спектар, ги објавија своите предлози за решавање на кризата, со акцент на структурните реформи во секторот за домување, социјалната инклузија и регионалниот развој.
Во парламентарната дебата за владините мерки, која покажа растечки тензии и поларизација на грчката политичка сцена, опозицијата ја обвини владата дека нема предвидливост во своите политики.
Пратеничката на Сириза, Катарина Нотопулу, ги нарече плановите на владата обид на Нова демократија да се бори за политички опстанок, додека ПАСОК ја нагласи потребата од системска социјална политика.
Други партии ги нарекоа најавите на владата „спектакл“ во комуникацијата со населението и ги обвинија властите дека ги штитат олигарсите.
Мицотакис, повикувајќи се на добрите економски резултати на Грција, исто така објави дека ќе се кандидира за трет мандат како шеф на владата.
„Решен сум да ја водам Нова демократија и да барам, доколку грчкиот народ повторно ни ја даде довербата, трет мандат како премиер. Ако поставите разумно прашање зошто, тоа е затоа што верувам во големиот напор што започна пред шест години“, изјави Мицотакис за весникот „Прото тема“.
„Додека економијата функционира добро, без фискална нестабилност и сè додека странските агенции за рејтинг, спротивно на глобалните трендови, го зголемуваат кредитниот рејтинг на Грција, граѓаните можат да очекуваат подобри денови“, рече Мицотакис.