Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Грчкиот Парламент со широко мнозинство гласаше за запирање на финансирањето на партијата Спартанци

Со широко мнозинство, со 267 гласа „за“ од вкупно 300 пратеници, грчкиот Парламент го изгласа амандманот со кој се запира државното финансирање на радикално десничарска партија Спартанци, јави дописничката на МИА од Атина.

Амандманот доставен минатиот месец предвидува суспензија на државното финансирање на партиите во случај на осуда на нивниот лидер, но и враќање на државните пари во случај партијата да не учествува во изборен процес, а денеска беше изгласан од сите партии со исклучок на Спартанци и десничарската Победа, додека петмина независни пратеници, од кои тројца поранешни членови на Спартанци, беа воздржани.

Пратениците од радикално десничарската партија при нивните говори во Парламентот, амандманот го карактеризираа како противуставен.

Партијата Спартанци на ланските избори за првпат влезе во грчкиот Парламент, а сите нејзини пратеници кривично се гонат за измама на гласачи, бидејќи по спроведената истрага на Обвинителството произлегло дека вистинскиот лидер на партијата всушност е осудениот поранешен член на Златна Зора Илиас Касидиарис и тој е оној кој го имал главниот збор во партијата, како и во изборот на кандидати за пратеници на изборите во јуни 2023 година.

Тогаш партијата освои 4,68 отсто од гласовите и доби 12 пратенички места, меѓутоа остана со петмина пратеници, бидејќи останатите седум ја напуштија пратеничката група и станаа независни.

Зачлени се на нашиот е-билтен