Откако Артан Груби, на фб напиша „Чист сум како солза“, пропадна во земја, со што од висок партиски фунцконер, стана бегалец.
„Целиот мој јавен живот, бескомпромисно сум посветен на еднаквоста на Албанците во Северна Македонија, за регион во мир, за целосна интеграција во НАТО, за стратешко партнерство со Соединетите Американски Држави и за членство во Европската Унија, напиша Груби, на фб.
Исто така тој преку фб информираше дека не е побегнат туку бил во приватна посета на Косово.
И од тогаш нема ниту глас, ниту трага, со што неизвесноста продолжува околу прашањето каде се наоѓа Артан Груби. Дали е во Косово, Албанија или на сосема друга локација?
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во неколку наврати рече дека не сака да шпекулира за локацијата каде се наоѓа Груби. Додека пак, вицепремиерот Изет Меџити вели дека локацијата на Груби може да е Албанија или Косово.
Поранешниот вицепремиер Груби, е на „црната листа“ на САД поради вмешаност во корупција и тргување со влијание во судството.
МВР по нараедба на Основното јавно обвинителство – Скопје, издаде меѓународна потерница по поранешниот вицепремиер Артан Груби и ексдиректорот на „Државна лотарија“, Парпарим Бајрами.
Министерството за внатрешни работи (МВР) неодамна ги објави меѓународните потерници распишани по Груби и Бајрами.
Во објавата на МВР стои:
Груби и Бајрами се осомничени дека како соизвршители и одговорни лица во АД „Државна лотарија“, вршејќи ги своите посебни овластувања и должности, во 2023 година направиле штета на акционерското друштво со намера противправно да прибават буџетски средства на Лотарија во износ од над осум милиони евра. Обвинителството ги сомничи за кривичното дело проневера во службата.
Во меѓувреме опозициската СДСМ го повика Груби да се соочи со законот, а минстерот за внатрешни работи Панче Тошковски со одговорноста.
“Јалови се обидите на ВМРО-ДПМНЕ да се оправда за бегството на Артан Груби кое е сработено по истото сценарио како и она летото на Блерим Рамадани. Повеќе од јасно е дека границата со Косово не е под контрола на МВР и Тошковски“, велат од СДСМ.
Од опозициската партијат тврдат дека ‘уште почудно е што токму полицајци поставени од Тошковски решиле да го пуштат Груби непречено да си оди. ВМРО-ДПМНЕ и Тошковски сами си ги креираат сценаријата за сомнеж дека тие го пропуштиле Груби да си оди од државата наместо да се соочи со одговорност. Груби мора да биде итно спроведен пред лицето на правдата’.
„И денес е нејасно како Тошковски може да биде толку неинформиран и МВР толку слаба институција под негово водство, кога Изет Меџити коалицискиот партнер на Мицкоски знае дека Груби е во Албанија, а Тошковски не? Го праша ли Тошковски Меџити од каде му се информациите? Тошковски веќе одамна е зрел за оставка, премногу скандали се случија без никаква политичка одговорност“, пишува во партиското соопштение на СДСМ.