Грција се соочува со криза во слободата на медиумите како резултат на дејствијата и неуспесите на грчката Влада, што ја загрозуваат демократијата и владеењето на правото, соопшти Хјуман рајтс воч (Human Rights Watch) во извештајот за земјата под наслов „Од лошо полошо: Влошување на слободата на медиумите во Грција“, јави дописничката на МИА од Атина.
Во конкретниот и детален извештај, како што соопштија од организацијата, се документира „непријателската средина за независните медиуми и новинари откако владата на Нова демократија ја презеде власта во јули 2019 година, вклучувајќи вознемирување, заплашување, следење и тужби“, а паралелно посочуваат дека треба „ЕУ треба да реагира за да ја одбрани демократијата и да го почитува владеењето на правото“.
Директорот на Хјуман рајтс воч за Европа и Централна Азија Хју Вилиамсон рекол дека сè почести се ограничувања на новинарството во Грција што создаваат средина во која критичкото известување е задушено, „а самоцензурата станува норма“.
„ЕУ треба да го препознае ова како сериозна закана за демократските вредности и владеењето на правото и да изврши притисок врз Атина да го промени курсот“, посочил Вилиамсон.
Извештајот, според организацијата, се базира на интервјуа со 26 новинари од различни медиуми, академици, правни и медиумски експерти.
– Дваесет и двајца новинари опишаа сè понепријателска средина за нивната работа, додека шест пријавија конкретни случаи на вознемирување од страна на високи владини претставници поврзани со нивното известување, соопштија од Хјуман рајтс воч.
Странски дописник кој работи како фрилансер рекол дека размислува да ја напушти земјата поради ситуацијата, додека пак новинар со 25-годишно искуство во голема грчка приватна телевизија рекол дека „сè се контролира, што ќе кажете, како ќе го кажете.“
Од организацијата во извештајот се осврнуваат на скандалот со прислушувањата со софтверот Предатор, на SLAPP тужбите против новинари, за правниот систем како оружје против новинарите, а пишува и дека „Владата извршила прекумерно влијание врз државните медиуми како што се телевизијата ЕРТ и новинската агенција АНА-МПА, поткопувајќи ја нивната независност“, но и дека „користела државни средства за рекламирање за да ги фаворизира провладините медиуми“.
На Индексот за слободата на медиумите на меѓународната организација Репортери без граници, објавен минатата седмица, Грција е на 89 место, најниско рангирана и во ЕУ и во регионот.
За конкретните два извештаи за слободата на медиумите во Грција, портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис, одговарајќи на новинарско прашање на денешниот брифинг, рече дека не се официјални извештаи и се неверодостојни, а „реалноста за владеењето на правото и слободата на медиумите во секоја земја-членка на Европската Унија е одразена во годишниот извештај за владеењето на правото“.