Идентификувани 19 од 31 дете пронајдено во Брчко, за 12 сè уште не е познат идентитетот

Вршителот на должност јавен обвинител на Дистриктот Брчко, Радмило Ивановиќ, изјави дека е утврден идентитетот на 19 од вкупно 31 дете кое минатиот месец беше пронајдено во една куќа во Брчко (БиХ), додека за 12 деца сè уште не се знае кои се тие.

На прес-конференција, Ивановиќ соопшти дека две лица се во притвор поради сомнение за извршување на кривично дело злоупотреба и запоставување деца. Според него, во куќата биле пронајдени 23 девојчиња и осум момчиња, на возраст од две до 12 години.

– За некои од пронајдените деца е утврдено каде се родени – шест во Италија, шест во Хрватска, две во Барселона, едно во Франција и две во Босна и Херцеговина, рече Ивановиќ.

Децата моментално се сместени во хотел и добиваат неопходна нега, но тој нагласи дека тоа не е соодветно долгорочно решение и дека за нивното понатамошно згрижување е надлежен Центарот за социјална работа.

– Некои сигурни куќи изразија желба да ги згрижат, но не знам дали има доволно капацитет. Бидејќи дел од нив се во роднински врски, така и треба да се сместат, изјави Ивановиќ.

Кон крајот на февруари, полицијата во Брчко пронајде 31 дете, за кои постои сомнение дека се жртви на трговија со луѓе. Осум лица беа уапсени, а за две е одреден притвор.

Зачлени се на нашиот е-билтен