По ифтарската вечера кај премиерот на Косово, и лидер на политичката партија Самоопределување, Албин Курти, се случуваат силни турбуленции во сестринската коалиција „Вреди“ во Македонија. Ден по враќањето од Косово, реториката на лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, меѓу редови најавува „распад систем“ на Коалицијата, односно самостоен настап на локалните избори. Тој во едно интервју рече:
„Заедничка наша констатација, во јули или август, минатата година беше дека подобро е да одиме со четири партии до локални избори и после локални избори да се обидеме да бидеме една партија. Меѓутоа, тогаш, баш на тој состанок, јас кажав – доколку одиме со четири партии, тогаш и советничките листи добро би било да ги имаме секој за себе. Оти јас знам, 2021 година со Алтернатива ние бевме заедно на локални избори и колку мака имавме две партии да се усогласиме за иста советничка листа. И замислете, сега ќе дојдеме во ситуација четири партии за една советничка листа“, вели Таравари.
На прашањето, како прогнозира дека Вреди ќе настапи на следните избори, тој одговори дека посакува да се изнајде формула за да излезат заедно, но како што наведе „интуицијата му говори дека одржливоста на Вреди и после избори да биде една партија, е речиси невозможна мисија“.
Инаку Таравари пред да замине на ифтарската вечера кај Курти, изјави дека на средбата очекува да стане збор за актуелните политички теми, како и за претстојните локални избори што треба да се одржат во октомври годинава.
„За локалните избори сме во релаксирана и добра атмосфера, се надевам дека ќе изнајдеме најдобро можно решение да нема незадоволни. Сите страни да бидат задоволни во коалицијата“, рече Таравари.
Откако Таравари се врати од Косово, ја смени реториката, меѓу другото рече и дека разговарал со како што неодамна ја ословуваше „корумпираната“ ДУИ.
„Корумпирана сила како ДУИ не може ништо да гарантира, затоа што секогаш ја купуваат македонските партии за секоја агенда, додека ВЛЕН гарантира недопирливост на западната ориентација на државата“, зборуваше Таравари
Таравари засега јавно не се изјасни дали ќе продолжи да биде дел од коалицијата ВЛЕН или, пак, не. Шести април, го најавува како ден кога се ќе биде појасно околку коалицирањаето особено што милува да каже дека неколку дена често говори дека во ВЛЕН ‘нема хармонија’.
Останатите три партии од коалицијата ВЛЕН го демантираа Таравари. Велат дека немаат комуникација или канали за комуникација со ДУИ и нејзиниот лидер, како што тврди Таравари. Демантот беше координиран, со слични пораки, веднаш по интервјуто на лидерот на Алијанса за Албанците.
„Алтернатива нема комуникација на ниту едно ниво и на ниту еден канал со Демократската унија за интеграција и нејзиниот претседател. Имено, Алтернатива смета дека нема причина или потреба да комуницира со партија запишана на американската црна листа на лицата нон грата, која Албанците ќе ја паметат само по корупција, криминал и злоупотреба на власта. Адреса за заштита на албанските интереси е преку комуникација со народот и одбрана на нивните интереси на прецизен и достоинствен начин”, рекоа од Алтернатива.
„Ниту претседателот Билал Касами, ниту кој било друг експонент на Движењето БЕСА нема никаква комуникација со Демократската унија за интеграција. Граѓаните и симпатизерите на Движењето БЕСА добро знаат дека од нејзиното формирање до сега никогаш не сме биле во комуникација со ДУИ, кога таа требаше да се спаси од нејзините дела, ниту сега нема никаква причина дури ниту канал за комуникација .ВЛЕН има смисла само до тој степен што одржува политичка дистанца од ДУИ“, рекоа од Движењето Беса.
„Демократското движење ги отфрла сите шпекулации дека има комуникација со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Демократското движење нема и нема да има никаков вид соработка со партија натопена во корупција, каде нејзините главни фигури се ставени на црната листа на американскиот Стејт департмент за заробено судство и злоупотреба на власта. Демократското движење останува цврсто во својата визија за чиста, некорумпирана политика во служба на граѓаните“, рекоа од Демократското движење.
Реакциите на сите три партии следуваа само неколку минути откако Таравари рече дека има канали за комуникација со ДУИ и додаде дека не верува дека и другите партии немаат канали. Тој денеска го омекна ставот повикувајќи се на вообичаените контакти што ги имаат пратениците. Но во синоќешното интервју за 360 степени, тој призна дека има сигнали од ДУИ за сотработка на локалните избори и рече дека нема сомнеж дека такви контакти имаат и другите партии на ВЛЕН.
„Постојано има луѓе кои комуницираат од различни партии. Во најмала рака, пратениците во Собранието од сите партии се среќаваат меѓу себе“, рече Таравари.