На пратениците им заврши двонеделниот распуст. Од утре се врќаат во пратеничките клупи. Пред речиси петнаесеттина дена Собранието, ја информираше јавноста дека нема да работи во знак на почит на 59 загинати во пожарот во дискотеката во Кочани.
Во соопштението од кабинетот на собранискиот спикер Африм Гаши пишуваше дека на координација, ‘присутните консензуално се согласија дека имајќи ги во предвид чувствата на сите граѓани по трагедијата во Кочани, изразувајќи почит кон сите загинати и надеж дека повредените ќе се вратат во добра здравствена состојба што поскоро, Собранието да ги откаже сите активности планирани за оваа работна седмица, вклучително и брифинг со новинари’.
Откако си доделија плус уште една недела пауза, а по жестоките критики во јавноста, од кабинетото на спикерот, повторно се јавија. Овојпат со појаснување дека ‘работата на Собранието и пратениците продолжува во други вообичаени форми, вклучително и координација меѓу пратениците и пратеничките групи, ангажирање во подготовката и разгледувањето на предлог законите, како и состаноци на различни нивоа’.
Од утре тие се враќаат на работа. На собраниската агенда има повеќе активности. Ќе се одржат 38 и 42 пленарна седица, а седици ќе одржат и три комисии: за прашања на изборите и именувањата, за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање и Законодавно правната комисија.
Јавноста очекува да се формира и Анкетна комисија за трагедијата во Кочани.
Од опозициската СДСМ за трагедијата во Кочани веќе побараа формирање на анкетна комисија преку која ќе бараат утврдување на фактите, како и политичка одговорност за несреќата.
За Анкетната комисија, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека немаат ништо против, но порачаа дека истата ќе биде проширена и со претходните трагедии.
Од ДУИ, пак, побараа парламентарна комисија која ќе го истражува начионот на кој се води истрагата. Оттаму ги повикаа Владата и МВР да дадат одговори за работењето на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ која го обезбедувала ноќниот клуб.