Пратениците на утрешната 46. собраниска седница, ќе расправаат за Интерпелацијата за работата на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, поднесена од пратеничката група на Левица. Во интерпелацијата е наведено дека се бара оставка од Тошковски пред се поради несовесно, непрофесионално и селективно постапување за најголемата трагедија во Македонија, Кочани во кој животот го загубија 61 лице. Во текстот на интерпелацијата се наведени причините зошто Тошковски треба да си замине од челната позицијата на Минстерството за внатрешни работи.
„Министерството со кое раководи Панче Тошковски има дополнителни ингеренции за дискотеки и кабариња и тоа: а) проверка на работно време; б) проверка на гласност и бучавост; в) проверка на присуство на малолетници после полноќ; г) проверка за точење алкохол и употреба на наркотични супстанци и др. Argumentum a fortiori, одговорноста на министерот Тошковски се зголемува знаејќи го фактот дека тој е министер на МВР од јануари 2024 година, а фалц-лиценцата за диско клубот е обновена во март 2024 година – што значи токму во времето на неговото министерување!“, пишува во интерпелацијата.
Интерпелацијата ја има и следната содржина:
„Од досегашниот тек на предистрагата и истрагата произлегува сериозен и разумен сомнеж во однос на селективноста и изборот на тоа, на кои функционери и носители на јавни функции ќе им се припишува одговорност и ќе бидат изведени пред лицето на правдата. На пример, во истрагата се вклучени речиси сите бивши функционери од Министерството за економија, Државниот пазарен инспекторат и други органи – но, симптоматично, не се вклучени актуелните носители на функции во истите овие институции, вклучувајќи ги и одговорните лица од МВР, со исклучок на актуелниот градоначалник во оставка на Општина Кочани“.
Во образложението на Интерпелацијата за работењето на министерот за внатрешни работи Тошковски, уште е наведено дека:
„Иако актуелните функционери и одговорни лица, кои во претходно набројаните органи се скоро една година на својата функција и во тој изминат период се исто толку надлежни и примарно одговорни за тековното правилно спроведување на законите од областа на безбедноста и регулативата поврзана со работењето на илегалниот угостителски објект, сепак истрага против овие лица не е отоверна и не се преземени никакви безбедносни мерки за нивна достапност, од причини непознати за јавноста. Овие лица, кои се активно одговорни за спроведување на позитивните законски прописи и за теренска контрола во однос на безбедноста и дозволите за работа на угостителскиот објект, не презеле навремени соодветни мерки и пропуштиле да ги истражат и санкцинираат неправилностите поврзани со работата на „диско-шталата“. Тука особено алудираме на одговорните лица во ОВР Кочани, СВР Штип и Бирото за јавна безбедност“, пишува во интерпелацијата поднесена од пратеничката група на Левица.
Во Итерпелацијата за министерот Панче Тошковски, меѓу другото пишува, дека тој е на позицијата министер повеќе од една година, од јануари 2024 година во т.н. „техничка Влада“, а подоцна по парламентарните избори од 2024 година и реизбран во новоизбраната политичка Влада составена од кадри на ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, до денес.
„Наместо да гради мост на доверба помеѓу граѓанскиот сектор и полицијата и др. и да воспостави механизми на доследно почитување на законите, го следат низа несовесни, непрофесионални, а згора на тоа и противзаконски дејствувања, скандали и кадровски промашувања. За неговиот морален хабитус, доволно говори и фактот што тој досега не се ни осмели да понуди оставка од морални причини, нешто што го правеле повеќе македонски министри пред него, во ситуации на вакви колективни несреќи! Во времето на министерот Панче Тошковски – во јавноста попознат и како „адвокат на урбаната мафија“- МВР го следат низа афери поврзани со непостапување , еклатантни пропусти во работењето и серија коруптивни дејствија поврзани со високи функционери и раководни лица во Министерството“, пишува во образложението на интерпелацијата.