Израелските воздухопловни сили извршија нов напад врз Либан, гаѓајќи автомобил во сообраќаен метеж во близина на Бејрут.
Според репортер на германската новинска агенција ДПА, денеска две ракети погодиле автопат јужно од Бејрут, во време кога на патот имало многу возила. Кратко потоа, изгореното возило било видено покрај патот.
Според Министерството за здравство, во нападот загинала една личност, а три други се повредени.
Израелската армија соопшти дека во нападот бил убиен „терорист“ во близина на Бејрут, кој дејствувал за Ал-Кудс бригадите на Иранската револуционерна гарда.
Според Израел, тој шверцувал оружје за странската единица на иранската елитна војска и бил одговорен за терористички напади врз израелски цивили и војници.
Израел и либанската милиција Хезболах, поддржана од Иран, во ноември минатата година договорија прекин на огнот по повеќе од една година меѓусебни напади. Спогодбата предвидува Хезболах да се повлече зад реката Литани, околу 30 километри северно од израелско-либанската граница. Сепак, израелската армија речиси секојдневно напаѓа цели во Либан, главно во јужните и источните делови на земјата.
Напад во толку густ сообраќај близу до главниот град е невообичаен, посочува ДПА.