Јавноста очекува одговори: Има ли мрежа на „кртови“ за тргување со службени тајни во МВР?

Фотографија од архивата на МВР
Фотографија од архивата на МВР

МВР вчера соопшти, а медиумите пренесоа дека вчера биле уапсени две лица за „оддавање службена“ тајна. За едното од лицата МВР информираше дека е „полициски службеник“, а медиумите открија дека зад иницијалите А.С, стои Ангел Сарамаков, припадник на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски.

Од владата потврдија дека безбедноста на премиерот Мицкоски не е загрозена и дека надлежните институции го истражуваат случајот за да утврдат дали има дополнителни ризици или вмешаност на други лица.

Токму ова последното „се истражува случајот за да утврдат дали има дополнителни ризици или вмешаност на други лица“, отвора низа прашања за кои јавноста очекува одговори во наредниот период.

Засега не се соопштени детали за тоа какви доверливи информации биле оддавани и на кого, останува отворено прашањето дали „бизнисот“ на Сарамаков е поврзан со криминалните структури во Скопје или со активности на 6-тата управа, каде што тој бил вработен.

Првите шпекулации што се појавија се дека зад „криминални структури“, стои кланот од Грчец, но тоа останува да биде потврдено или негирано, а истрагата треба да стигне до вистинската цел.

Меѓу прашањата што сега си ги поставува јавноста е и тоа дали има мрежа за тргување со службени тајни во МВР на што упатува и соопштението на МВР бидејќи вчерашното апсење резултат на „координирана полициска акција и реализирани истражни дејствија за претрес на дом, возила и лица на подрачјето на СВР Велес“.

Што значи дека во МВР имало индиции кои налагале ваква акција бидејќи, како што се наведува во соопштението, биле „дополнително се извршени претреси на повеќе локации, при што се пронајдени и одземени електронски уреди, службени документи и други предмети релевантни за истрагата“.

Дел од прашањата што се наметнуваат се и оние кои треба да одговорат од која природа се материјалите што „неовластено ги поседувал уапсениот“ и дали и на кој начин тој имал пристап до документите со печат „службена тајна“. Зашто не е така едноставно само еден човек, од само една управа, да дојде со такви материјали.

Станува јасно дека тоа што ќе биде „поднесена кривична пријава против А. С., за кривично дело „оддавање службена тајна“ по член 360 од Кривичниот законик“, е само еден и прв чекор во истрагата која треба да открие дали има мрежа на „кртови“ во МВР и како е тоа можно во министертсво во кое безбедните протоколи треба да бидат на врвно ниво.

Зачлени се на нашиот е-билтен