Јоханес Хан назначен за специјален пратеник за Кипар

 Министерството за надворешни работи на Грција ја поздрави одлуката на ЕК да го назначи поранешниот европски комесар Јоханес Хан за специјален пратеник за Кипар и преку платформата Икс посочија дека ова ја потврдува безрезервната поддршка на ЕУ во напорите за решавање на кипарското прашање, јави дописничката на МИА од Атина.

– Грција го поздравува назначувањето на Јоханес Хан за специјален пратеник на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за Кипар. Ова ја потврдува безрезервната поддршка на ЕУ за напорите предводени од ОН за праведно, одржливо и функционално решение согласно резолуции на Советот за безбедност на ОН и законодавството на ЕУ, во корист на сите Кипрани, напишаа од грчкото МНР на платформата Икс.

Како што претходно објави МИА, Хан, како специјален пратеник за Кипар, ќе има задача да придонесува во процесот за решавање на кипарското прашање во рамки на Обединетите нации во тесна соработка со личната пратеничка на генералниот секретар на ОН за Кипар, Марија Анхела Олгин Куељар.

Одлуката на ЕК ја поздравија и кипарскиот претседател Никос Христодулидис и министерот за надворешни работи на Кипар Константинос Комбос.

Зачлени се на нашиот е-билтен