Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Каде е печатот на дипломата од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, со која Бојан Христовски стана директор на АНБ?

Освен Тоефел, набавен во Бугарија, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, има сомнителна диплома и уверние за положени испити по економија од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје и од Универзитатот Скопје. Овие но и други суштествени повреди од приложените документи на Христовски, на виделина ги изнесе, пратеникот од Левица, Димитар Апасиев.

„Во оваа диплома која што ја има, веројатно само името и презимето одговараат на тоа што се бара во правилникот. Има 7 суштествени повреди кои дипломата ги нема а правилникот ги бара. Нема основач на високообразовна институција, нема решение на МОН со број и датум за акредитација, нема просечна оценка со која дипломирал, нема академски стручен степен во меѓународен промет, нема сериски број на дипломата, нема број и датум на главна книга и не гледам два печата, универзитетски и факултетски, туку само воден жиг на средина. Значи дури 7 од задолжителните елементи фалат во оваа диплома. Прашањето до вас е дали вие сте запознаени со овие наводи и дали ќе испратите просветен инспекторат да ги провери овие наводи кои ги изнесов тука“?, рече Апасиев, прашувајќи го премиерот Христијан Мицкоски дали знаел за ова.

И во уверението за положени испити на Христовски, со кои стана директор на АНБ, има три неправилности, посочи Апасиев.

„Прво, уверението се повикува на членот 238 од Статутот на Универзитетот, но листајќи го статутот на Универзитетот за туризам и менаџмент, членот го нема, бидејќи има само 165 члена. Второ е она што го зборуваше министерката за образование, дека преку ноќ добиваат дипломи. Тие 240 кредити се чечтиригодишни студии што значи секоја година има по 60 кредити. Учебна година на запишување на студиите на уверението е 1 септември 2022 година. Датум на завршување на студиите е 14 август 2023 година. Овој лик успал да положи 4 години на Економски факултет за неполни 11 месеци. Тоа се 38 испити сосе дипломскиот труд, значи скоро 40 испити. И трето, е тоа што Универзитетот кој ги издава неговата диплома и уверение, во јануари 2023 година го менува името од Универзитет за туризам и менаџмент во Универзитет Скопје. Тоа значи дека во правниот промет престанува тоа лице и продолжува другото. Но, симптоматичното што е… Во јануари 2023 година печатот на универзитетот е со Универзитет Скопје. Во август месец истата година, само 8 месеци подоцна, печатот од ова уверение е од стариот универзитет. Како може ако престанало да постои тоа правно лице, печатот да е уште во правен промет и сообраќај“, рече Апасиев.

Премиерот Мицкоски, одговорот го даде од собраниската говорница. Гледајќи внимателно во мобилниот телефон, рече дека Христовски студирал 3 години и дека испитите од трите години му биле пренесени во уверението, а во 2022 година ја зел четвртата година, односно студирал по систем 3 плус 1 година.

На прашањето дали ќе испрати инспекција на овој Универзитет, Мицкоски одговори потврдно, додавајќи дека инспекција ќе биде испратена и на други универзитети.

Зачлени се на нашиот е-билтен