Последната анкета на „Евробарометар“ покажува дека довербата во ЕУ е највисока во Црна Гора и Албанија, а најниска во Србија. Во Македонија таа изнесува 54 отсто, додека 42 отсто не ѝ веруваат. Колку за споредба, есенскиот „Евробарометар“ за 2024 година покажа дека 56 отсто од македонските граѓани имале доверба во ЕУ, што јасно говори за опаѓачкиот тренд од година на година. Во Босна и Херцеговина, 58 отсто од граѓаните имаат доверба во ЕУ, а 37 отсто не ѝ веруваат. Во Србија, од друга страна, само мал процент од 37 отсто имаат доверба, додека 57 отсто велат дека имаат тенденција да не ѝ веруваат, покажуваат резултатите од истражувањето што беше објавено на 28 мај.
Анкетите се спроведени во секоја земја во март и април годинава, при што податоците за висока доверба се бележат само кај оние земји кон кои ЕУ барем засега не испорачала билатерални условувања, туку тие преговараат исклучиво врз Копенхашките критериуми, кои дури и се спуштени на минималното ниво за да можат да се сметаат за исполнети. Имено, затоа 83 отсто од граѓаните на Црна Гора имаат тенденција да ѝ веруваат на ЕУ, додека 17 отсто да не ѝ веруваат. Исто е и со граѓаните на Албанија и Косово, кои исто така имаат високо ниво на доверба во ЕУ, 80 односно и 79 отсто.
Кога станува збор за членството во ЕУ, 50 отсто од македонските граѓани веруваат дека тоа ќе се случи, додека другата половина е скептична. Во БиХ вербата дека земјата ќе стане дел од ЕУ изнесува 60 отсто, додека во Србија, само 34 отсто од граѓаните велат дека членството би било добра работа, додека 32 отсто веруваат дека членството би било лоша работа. Од друга страна, 80 отсто од граѓаните во Црна Гора и Албанија веруваат дека членството во ЕУ за нив е добра работа.
Испитаниците од ЕУ биле запрашани дали би поддржале „проширување на ЕУ за вклучување на други земји во идните години“. Во ЕУ како целина, 54 отсто од граѓаните ја поддржуваат оваа политика, додека 39 отсто се против неа.
Проширувањето на ЕУ има мнозинство во поддршката во повеќето земји членки, но мнозинството граѓани на Германија и Австрија се против него. Во двете земји, 42 отсто од граѓаните се за проширување, додека 53 отсто се против него. Во Франција, 41 отсто од граѓаните се за проширување, а 49 отсто се против, иако бројот на противници е намален од претходниот „Евробарометар“.