Како во ЕУ се открива лажниот мед? Само една земја го користи овој метод, но дури ни тоа не е доволно

Медот е една од најфалсификуваните прехранбени производи во Европа. Речиси половина (46 проценти) од медот увезен во ЕУ во 2023 година не бил чист, туку главно содржел шеќерни сирупи или му недостасувал растителен диверзитет.

Најсомнителните производи се оние што доаѓаат од Кина и Турција, и додека ЕУ сè уште се обидува да постави некои унифицирани стандарди, Австрија веќе ги презеде првите чекори користејќи напредно ДНК тестирање.

Државната агенција за јавно здравје таму, AGES, користи ДНК тестови во официјалните истраги за фалсификување на храна, а лабораторијата во Тирол анализира околу 100 примероци од мед месечно. Оваа технолошки напредна технологија го поврзува медот со растенијата што пчелите ги опрашуваат. Австриските пчелари сега нудат QR кодови за да го докажат потеклото на своите производи, а синџирот супермаркети SPAR дури и го отстрани медот од своите полици сè додека не ги помине потребните тестови.

Кога станува збор за утврдување на потеклото на медот, се очекува ЕУ да усвои единствена директива што треба да стапи на сила во 2026 година.

Засега, Австрија е единствената членка на Европската Унија што ја користи програмата за анализа на ДНК, поддржана од државата. Други земји, како што е Германија, сè уште се потпираат на традиционални методи – хемиска анализа и тестирање на полен.

Неодамнешна британска студија покажа дека 90 проценти од медот што се продава не ги поминува инспекциите. Во Латвија, само 6 од 20 примероци мед од супермаркетите ги исполнуваат стандардите на ЕУ.

Инаку, медот не може да содржи состојки како што се вода или евтини шеќерни сирупи – кои веројатно го зголемуваат неговиот волумен. Сепак, анализата покажува дека ова стана вообичаена практика.

Помеѓу 2021 и 2022 година, 46 проценти од медот тестиран во ЕУ бил означен како „потенцијално изменет“, што е значително зголемување во однос на 14 проценти во 2015-2017 година.

Од тие примероци, 74 проценти биле од кинеско потекло.

Освен што ги лажира потрошувачите, лажниот мед им се заканува на пчеларите кои не можат да се справат со многу пониските цени на увезените производи.

„Воопшто не можеме да се натпреваруваме со нив“, рече Матијас Копецки, кој поседува околу 350 кошници за пчели во Виена, пренесува АФП.

Европската Унија е најголемиот производител на мед во светот, по Кина, но и најголемиот увозник по САД.

Податоците покажуваат дека поголемиот дел од медот во ЕУ доаѓа од Украина, Кина и Аргентина.

Директивата усвоена минатата година налага, од средината на 2026 година, етикетите на медот да содржат информации за потеклото, а не само да пишува дека станува збор за „мешавина од европски и неевропски мед“.

Пчеларите се надеваат дека новите правила ќе ја зголемат свеста кај потрошувачите.

Брисел, исто така, избра група експерти, со мандат до 2028 година, за хармонизирање на методите за утврдување на манипулацијата со медот.

Како изгледа ДНК тестирањето на примероци од мед?


Австриската „Синсомa“ е специјализирана за овој метод.

„Медот е полн со траги од ДНК, информации од околината во која пчелите собираат нектар. Секој мед има посебен ДНК профил“, вели Корина Валингер, директорка за продажба во оваа компанија.

Според неа, важно е што технологијата постојано напредува, исто како и фалсификаторите.

Кога примерокот од мед нема широк спектар на ДНК траги или, на пример, содржи високо ниво на ДНК траги од ориз или пченка, кои пчелите не ги посетуваат, тогаш се доаѓа до заклучок дека медот не е автентичен.

Валингер ја основал оваа лабораторија во 2018 година заедно со соработниците, а денес вработува околу 15 луѓе кои напорно работат во Воелс во близина на Инсбрук.

Тие им наплаќаат на пчеларите 94 евра за основен ДНК тест кој бара траги од растенија, што е околу двојно поевтино од класичното тестирање на полен.

Пчеларите исто така добиваат QR код што им овозможува на потрошувачите да видат кои растенија ги опрашиле пчелите.

Експертите предупредуваат дека ДНК методот може да утврди само некои видови измама и дека се потребни поригорозни анализи за сигурни резултати.

Засега нема напредок во истрагата.

Инаку, пресметката е јасна. Во просек, увезена единица мед во ЕУ чини 2,32 евра за килограм (според податоците од 2021 година), додека шеќерните сирупи направени од ориз се достапни по околу 0,40-0,60 евра за килограм.

Лажниот мед е речиси невозможно да се разликува од сигурниот.

Турција произведува 115.000 тони мед годишно и е втор најголем снабдувач во светот по Кина, по што следат Етиопија, Иран и Индија. Иако овој сектор годишно носи околу 270 милиони евра, Турција има големи проблеми токму поради фалсификаторите. Само во една рација во Анкара, во септември 2024 година, беа пронајдени 8.150 тони гликоза, фруктоза и шеќер, заедно со 100.000 етикети за различни марки мед, објави ДВ.

Единственото нешто што потрошувачите можат да го направат, за да бидат сигурни дека добиле добар производ, е да имаат свој производител, односно добавувач.

Се проценува дека во Србија има околу 1,6 милиони кошници со пчели и околу 20.000 регистрирани пчелари.

Зачлени се на нашиот е-билтен