Калас: Ги анализираме грешките во дијалогот меѓу Косово и Србија

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас денеска изјави дека Европската унија ги анализира грешките во дијалогот меѓу Косово и Србија, што се води со посредство на ЕУ, за да може да му даде живот на процесот на нормализација на односите меѓу двете соседни земји, пишуваат косовските медиуми.

Таа оваа изјава ја даде на прес-конференција во Подгорица, каде што пристигна денеска и е првата станица од нејзината турнеја низ Западен Балкан. Во периодот од 7 до 9 април Калас покрај Црна Гора се очекува да ги посети и Албанија и Босна и Херцеговина.

Белград и Приштина водат дијалог за нормализирање на нивните односи под покровителство на ЕУ.

Запрашана за застојот во дијалогот, Калас рече дека „она што го правиме овој месец го анализираме“ заедно со новиот специјален пратеник за дијалогот, Питер Соренсен.

Соренсен ја презеде функцијата во февруари 2025 година, наследувајќи го словачкиот дипломат Мирослав Лајчак. Новиот специјален пратеник за дијалогот Белград-Приштина веќе ја имаше својата прва посета и на Косово и на Србија на крајот на март.

Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, исто така, рече дека она што е важно за блокот е нормализација на односите меѓу Косово и Србија, бидејќи без тоа ниту една земја не може да напредува на својот пат кон ЕУ. 

Зачлени се на нашиот е-билтен