Високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, денеска во Приштина изјави дека ЕУ е посветена на дијалогот меѓу Косово и Србија и дека Косово е рамноправна страна во дијалогот.
„Вие сте рамноправни партнери на масата и, како претставник на ЕУ, ќе го поддржам овој процес“, рече таа за време на прес-конференцијата во Приштина на почетокот од нејзината посета на Косово.
Таа подвлече дека не постои „скратен пат“ за прием во ЕУ, потврдувајќи ја стратешката важност на Западен Балкан за ЕУ.
Таа, исто така, потврди дека процесот на проширување на ЕУ ќе биде еден од нејзините приоритети и ги спомена аспирациите на граѓаните на Косово да станат дел од европскиот блок.
„Западен Балкан е стратешки важен за ЕУ. Тоа е најголемиот геостратешки проект за нас, а и за мене лично. Косово има место во европското семејство, но нема кратенки до членство. Во Косово, огромното мнозинство граѓани сакаат членство во Европската унија“, рече таа.
Сепак, за да се приближи до ЕУ, Косово мора да има функционални и стабилни институции, истакна таа.
Таа ги повика сите политички партии да ја надминат моменталната политичка блокада и да работат на формирање нови институции по изборите во февруари.
Каја Калас додаде дека ЕУ е подготвена да го поддржи Косово, но дека лидерите на политичките партии мора да ги остават настрана своите разлики и да ја приоритизираат иднината на Косово.
„Формирањето на ново Собрание и нова Влада е клучно за стабилноста, развојот и европската иднина на Косово“, рече Каја Калас.
Високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, утре доаѓа во Македонија.
Како што соопшти Европската служба за надворешни работи, Калас во Скопје ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски.
Дополнително, Калас и министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски ќе го отворат првиот Дијалог за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Северна Македонија, што следи по склучувањето на билатералниот Договор за безбедносното и одбранбеното партнерство во ноември минатата година.
Предвидено е и Калас во придружба на министерот за одбрана Владо Мисајловски да ја посети постојаната Балканската медицинска работна група.
Во рамки на посетата на Скопје, како што најави ЕЕАС, Калас ќе има средби и со претставници на младински и студентски организации од земјава.