Ако погледнеме на мапата, Западниот Балкан географски е во Европа и затоа земјите од тој регион треба да бидат во Европската Унија, што го прави процесот на проширување многу важен и треба да продолжиме со него, изјави денеска во Луксембург високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.
На прес-конференцијата по завршувањето на Советот за надворешни работи на ЕУ во Луксембург, каде синоќа се одржа и неформална вечера на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Унијата и на државите од Западниот Балкан посветена на безбедноста и одбраната, на која присуствуваше и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, Калас истакна дека е јасно оти стабилноста и безбедноста на регионот е од суштинско значење, а најдобар начин за намалување на тензиите е сите земји од Западниот Балкан да се вклучат во Европската Унија.
– Тогаш ќе има помалку тензии, затоа што Европската Унија е мировен проект и работи на смирување на тензиите меѓу тие земји, рече Калас, додавајќи дека пораките се многу јасни, бидејќи и анкетите покажуваат дека поддршката за ЕУ во државите од регионот е генерално многу висока.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Калас истакна дека министри од повеќе земји членки на ЕУ порачале дека секое евентуално учество на претставници на државите од Западниот Балкан на парадата по повод завршувањето на Втората светска војна на 9 мај во Москва, нема да биде прифатено благонаклоно од европска страна, имајќи предвид дека сега Русија води тотална војна во Европа.
– Многу јасно ставивме до знаење дека не сакаме ниту една земја кандидат да учествува на овие настани на 9 мај во Москва. Пораката беше многу јасна, потенцира Калас.
Таа додаде дека нормализација на односите меѓу Србија и Косово е од исклучителна важност, па затоа мора да продолжи дијалогот Белград-Приштина, што се води со посредство на ЕУ, која назначи и свој нов специјален претставник за овој дијалог. Високата претставничка на ЕУ воедно најави дека во рамките напорите за заживување на дијалогот таа ќе ги посети двете земји во текот на следниот месец.
Во однос на Босна и Херцеговина, Калас оцени дека земјата е во уставна криза, но дека секој обид за нејзино разбивање е неприфатлив. Таа додаде дека кога неодамна го посети Сараево увидела дека сите политички субјекти во земјата се согласуваат околу членството во ЕУ, па затоа и треба да носат одлуки што ќе ја движат БиХ во тој правец.
Калас истакна и дека Албанија и Црна Гора добро напредуваа во пристапниот процес и спроведуваат добри реформи, додавајќи дека се надева на „успешни приказни“ од овие две земји.