Калифорнија го возврати ударот на Трамп: Одвојува 50 милиони долари за заштита на мигрантите од депортација

Гувернерот на Калифорнија Гевин Њусом потпиша закон со кој се доделуваат 50 милиони долари за заштита на американската држава и мигрантите кои се соочуваат со депортација поради политиката на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, објавија денеска американските медиуми.

Врз основа на еден од тие закони дадено е 25 милиони долари на Министерството за правда на Калифорнија за да спроведе правна постапка против федералната влада, додека друг ќе додели уште 25 милиони долари за правна помош за мигрантите кои се соочуваат со депортација, објави Си-Ен-Ен.

„На жителите на Калифорнија им се заканува администрација надвор од контрола, која не се грижи за Уставот и мисли дека нејзината моќ нема ограничувања“, рече претседателот на Демократското собрание на државата Роберт Ривас, додавајќи дека затоа донеле мерки за доделување средства за одбрана на нивното население од непосредна закана.

Републиканските пратеници ја критикуваа распределбата на овие средства, тврдејќи дека фокусот на Трамп го одвлекува вниманието од потребата да се обноват областите уништени од шумските пожари во Лос Анџелес. Њусом минатиот месец потпиша закон за помош од 2,5 милијарди долари за областите опустошени од пожари, а неговата администрација рече дека очекува федералната влада да им ги надомести тие трошоци. За време на првиот мандат на Трамп, Калифорнија ја тужеше неговата администрација повеќе од 120 пати за различни прашања, потрошувајќи вкупно околу 42 милиони долари.

Зачлени се на нашиот е-билтен