Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Камбовски: Институциите треба да се унапредуваат, не да се распуштаат

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, изрази несогласување со најавите за целосно распуштање на Судскиот совет, нагласувајќи дека радикалните и револуционерни мерки не можат да донесат квалитет и правилна реформа. 

„Јас лично не сум поборник за целосно разрешување. Тие радикални и револуционерни мерки не можат никогаш да донесат квалитет и правилна реформа. Ние треба да ги негуваме и унапредуваме институциите да им овозможиме да ги имаат сите потребни средства за да дадат максимум во тоа што го имаат како задача и обврска да го дадат“, изјави Камбовски во вечерашното гостување на емисијата „Трилинг“.

Претседателот на Судски совет рече дека не доживува притисок кој влијае на носење одлуки, но, дека постои притисок кој е евидентен, но како што рече, не знае дали е заслужен или оправдан. Тој посочи дека секоја критика е здрава и дека не можеме да очекуваме потполна доверба во судството. 

„Треба да се критикуваме за да доколку увидиме дека сме погрешиле, да го поправиме. Не можеме да очекуваме дека довербата ќе биде 100 отсто, две странки има во судот, секогаш ќе има незадоволна страна“, изјави тој.

Во однос на поднесените интерпелации на членовите на Судски совет и можноста за оставки, Камбовски нагласи дека тоа е личен чин и одлука на секој поединец. 

За утврдувањето на одговорност за судијката Даниела Алексовска-Стојановска за предметот за дрога за Васил Јованов, возачот што ја прегази Фросина Кулакова, Камбовски информираше дека Комисијата го изготвила извештајот за кој јавноста ќе може да чуе на јавна седница.

Во однос на прашањето какви реформи се потребни на македонското правосудство, тој ги издвои промени во процесните закони, граѓанскиот и кривичниот, дополнувајќи дека постапките траат долго поради лошите законски решенија.

Зачлени се на нашиот е-билтен