Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) во рамки на кампањите за зголемување на безбедноста во сообраќајот, започна со реализација на кампањата за поголема безбедност на младите во сообраќајот – посветена на матурантите, под мотото „На матурска вечер без автомобил!“
Кампањата има за цел да испрати силна порака до младите – да не седнуваат зад воланот доколку консумирале алкохол, туку на матурските прослави да користат јавен превоз, такси или возачка придружба на роднини, одосно да не управуваат со возило.
Со оваа кампања, РСБСП порачува: ПРОСЛАВУВАЈ, НО БИДИ ОДГОВОРЕН – ЖИВОТОТ Е ЕДЕН, КОЈ НЕМА ЦЕНА!
Со денешниот настан, кој се одржа во средното сообраќајно стручно училиште АСУЦ „Боро Петрушевски“ како почеток на кампањата, започнуваат серија на теренски активности во организација Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патишата, МВР и Факултетот за безбедност – Скопје.
Почетокот на кампањата беше одбележан со предавање пред учениците од трета и четврта година – матуранти од училиштето каде свое обраќање имаа министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, претседателот на РСБСП, Горан Ангеловски и директорот на АСУЦ „Боро Петрушевски“, Александар Стрезов.
Министерот Тошковски ја истакна важноста од соработката меѓу институциите за унапредување на сообраќајната култура кај младите и апелираше за одговорно однесување во сообраќајот.
Претседателот на РСБСП, Горан Ангеловски, нагласи дека матурските прослави се свечен чин за сеќавање со кој се заокружува еден дел од образованието на секој матурант и целта на оваа кампања е да се одвратат младите да не управуваат со моторни возила и не консумираат алкохол за време на прославите и да се влиаје на намалување бројот на сообраќајни несреќи кај младата популација, особено во овој период кога ризикот е зголемен.
Кампањата ќе продолжи во текот на април, мај и јуни преку низа активности, кои ќе се реализираат во средните училишта во Македонија.