Кандидатите за Програмскиот совет на МРТВ ги образложија кандидатурите пред собраниската комисија

Во продолжението на 26-тата седница на Собраниската комисија за прашања на изборите и именувањата се расправаше за кандидатурите на кандидатите за членови на Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија кои ги исполнуваат условите. Меѓу кандидатите кои се најдоа на утврдената листа има дипломирани новинари, политиколози, дипломирани правници, актери, музиколози, продуценти, електроинженер и доктори на науки. Дел од пријавените се членови на програмскиот совет на МРТВ.

– Со оглед дека расправата по кандидатурите е завршена, Комисијата согласно Законот за ААВМУ, организира јавна расправа за кандидатите кои ги исполнуваат условите. На неа се поканети организациите кои ја дале поддршката и самите кандидати, рече претседателот на комисијата Ѓорѓија Сајкоски на почетокот на седницата.

По паузата, пред комисијата и претставниците на организации од невладиниот сектор, попладнево своите кандидатури ги образложија преостанатите 10 кандидати. Тие во претставувањата зборуваа за нивните визии и плановите за подобрување на работењето на националниот медиумски сервис и програмските содржини. Никола Мадиќ – дипломиран продуцент, магистер по менаџмент на човечки ресурси, Анита Селими – дипломиран правник од Скопје, Музбајдин Ќамили – дипломиран актер од Тетово, Ивана Ефремоски – дипломиран новинар од Скопје, Билјана Бабиќ – дипломиран новинар од Скопје, Владимир Палашевски – дипломиран политиколог од Скопје, вработен во министерство за Европски прашања, Томислав Кежаровски – дипломиран правник и политиколог од Скопје, Владимир Крстевски – дипломиран продуцент од Скопје вработен во Факултет за драмски уметности, Беким Лачи – дипломиран професор од Скопје и вработен во Собранискиот канал, Маја Седрак – магистер по музички науки од Скопје и вработена во Министерството за култура. Кандидатот Антонио Цилаков од Велес не ја претстави кандидатурата и не беше на седницата.

Актуелниот состав на советот делува шест години по истекот на мандатот, бидејќи од 2019 година во парламентот не беше обезбеден консензус за ова прашање. На огласот се пријавија 37 кандидати, а Комисијата минатата недела отфрли 13 кандидатури поради непотполна документација.

До паузата на седницата кандидатурите ги претставија: Ваљдета Касапи, Илир Рамадани, Лазо Трпков, Бурим Рамадани, Златко Јанковски, Патриот Лумани, Ристе Панов, Давор Пашоски, Марјан Велевски, Миле Гроздаонски, Селпин Керим, Смилка Јанеска Саркањац и Ведат Мемедалија.

Програмскиот совет на МРТВ, брои 13 членови со мандат од пет години, а ги избира Собранието со двотретинско мнозинство.

Зачлени се на нашиот е-билтен