Во изборната година за градоначалници во државава, досетливоста на власта нема граници. Откако премиерот Христијан Мицкоски рече дека не е лошо да се смени државниот грб зашто асоцирал на комунистичкото минато, коалицискиот партнер Билал Касами, отиде два чекори понапред. Смета дека ‘не само грбот туку и химната треба да се менува, а албанскиот јазик треба да влезе во Уставот – ова е ставот но и пакетот за кој Вреди ќе разговара со Христијан Мицкоски, зашто ова биле европски вредност.
„Сакаме да го отсликаме новото време, а тоа е Македонија да биде дел од европското семејство. „Ќе бевме подготвени да разговараме за пакет каде што секако ќе се разгледуваше грбот, прашањето за химната, но и прашањето за другите уставни измени поврзани со унапредувањето на албанските права или прашањето за несоодветното дефинирање на албанскиот јазик во уставот, како јазик на 20 отсто“, рече Касами.
Грбот на државата е во употреба, со мали модификации, уште од 27 јули 1946 година, a на 16 декември, во време на Владата на Никола Груевски, отстранета е црвената петокрака од социјалистичкиот македонски грб, симболот на Народноослободителната војна со која македонскиот народ ја добил слободата. Народниот мотив на лентата го изразува богатството и убавината на народниот бит. Житното класје, плодовите на афионот и листовите тутун го претставуваат богатството на Македонија и разновидноста на нејзиното стопанство. Во средината на полето се наоѓа планината Пирин, реката која тече е реката Вардар. Сонцето го претставува слободниот и творечки живот во Македонија и симболот на македонскиот народ.