ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Левица имаат доволно пратнеички гласови, да ја изгласаат интерпелацијата за претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути, поднесена од Левица. Ваква загриженост денеска покажа матичната партија на Даути, Алијанса за Албанците. Блокадата на Даути врз Законот за бранителите, Алијансата израмни со битката за еднаквост на Албанците.
„Нема друг механизам за блокирање. Го повикуваме Африм Гаши итно да се повлече од оваа скандалозна акција која нема врска ниту со функцијата претседател на комисијата, ниту со пратеничката Илире Даути, туку со нејзината битка за еднаквост на граѓаните. Го потсетуваме Гаши дека станува збор за битка која пратеничката Илире Даути заедно со нејзините колеги ја разви уште во времето кога таа се бореше за обезбедување државјанство за Албанците, кога дел од коалицијата беше и Африм Гаши. Но, денес, кога пратеничката Даути ја продолжува битката за еднаквост на Албанците, Гаши избра да им се придружи на оние кои и тогаш и денес се борат против Илире Даути и правата на Албанците во Северна Македонија, посочуваат од Алијансата за Албанците на Села
Од кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши со конкретен одговор, дека спикерот нема дискреционо право да ги блокира интерпелациите, туку е должен да ги проследи на натамошна постапка, како што се случи пред неколку месеци кога лично против него беше иницирана интерпелација, се посочува во соопштението од неговиот Кабинет откако од Алијансата за Албанците на Зијадин Села побараа тој итно да се повлече од обработувањето на интерпелација против претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади Илире Даути поднесена од пратениците од Левица.
„Претседателот на Собранието, Африм Гаши ја уверува јавноста дека сите собраниски процедури се одвиваат во целосна согласност со Деловникот, Уставот и законите. Интерпелацијата против г-ѓа Илире Даути е една од петте интерпелации кои моментално се во тек, заедно со тие против министерот Меџити, заменик-министерот Исени, министерот Тошковски и министерот Стоилковиќ. Важно е да се напомене дека, согласно собраниските процедури, резултатот од интерпелацијата нема да влијае на позицијата на г-ѓа Даути, како претседател на Комисијата која ја води“, се вели во реакцијата од Кабинетот на Гаши.
Посочуваат дека Гаши останува посветен на заштитата на интегритетот на Собранието и неговите процедури.