За среќа, како што нè информираа надлежните научници станува збор за главниот земјотрес. Секако, постои и постсеизмичка активност, која, врз основа на конкретните карактеристики, а главно поради големата длабочина, се чини дека беше причината што за среќа немавме сериозни штети, рече министерот за климатски кризи и цивилна заштита на Грција Јанис Кефалојанис од Крит по земјотресот од 6,1 степен што се случи утрово и додаде дена нема простор за загриженост, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерот, заедно со генералниот секретар за цивилна заштита, Никос Папаефстатиу и претседателот на Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита Ефтимиос Лекас го посетија градот Ираклио на Крит, ги разгледаа објектите, меѓу кои и две училишта, а потоа одржаа широк состанок со учество на локалните власти.
„Ќе продолжиме да ги следиме случувањата во наредните денови и ќе бидеме во постојана соработка и со периферијата и општината, со цел да ги утврдиме следните чекори. Сепак, сакам да испратам јасна порака: нема простор за загриженост за безбедноста на објектите што ги посетивме денес“, рече Кефалојанис.
Земјотрес со јачина од 6,1 степен што утрово беше регистриран во морскиот дел на околу 60 километри северно од островот Крит, предизвика лизгање на земјиштето на локален пат и мали штети на објекти, а немаше повредени лица.