ДУИ ги повика и новинарите Македонци, но не најде начин, тие да ги слушнат изјавите и на македонски јазик. Новинарите дојдоа пред Уставниот суд за да ги пренесат партиските изјави на интегративците во врска со денешните настани за Законот за употреба на јазиците.
Кога новинарите Македонци побараа, некој од присутните интегративци да даде изјава и на македонски јазик, поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши, рече дека ќе им пренесат, нивните колеги Албанци.
И потпретседателот на партијата, Бујар Османи, кој вообичаено ги преведува изјавите, не доби дозвола од Али Ахмети да го преведе на македонски.
Имаше изјава г. Ахмети, ќе добиете транскрипт и на македонски јазик..
Новинар: Битно е ова, ако може вие да кажете..
Османи до Ахмети: Да преведам јас..
Ќе добиете транскрипти бидејќи одговори господинот Ахмети пред неколку минути за ова. – Бујар Османи – потпретседател на ДУИ.
Инаку, новинарите инсистираа да добијат одговор за понатамошниот партиски активизам на Артан Груби по серизните наводи за корупција и неговото назначување на американската црна листа. Ахмети кажа дека неговиот сопартиец е совесен и сам ќе се повлече од функциите во ДУИ, без да прецизира дали тоа вклучува и замрзнување на членството.
Еве што кажа Ахмети на албански јазик:
„Ние не ги оспоруваме одлуките на Стејт департментот, господинот Груби има право на жалба, ќе го води процесот според фактите. Ова право го има во одлуката на Стејт департментот и тој сигурно нема да му наштети на неговиот субјект, на неговото семејство, додека овој процес не добие епилог. Мислам дека господинот Груби е одговорен и совесен, нема потреба да го отстраните од партијата, секако ќе се повлече од сите партиски функции“.
Стејт Департментот, ги стави на црната листа Артан Груби и судијата Енвер Беџети поради примање мито за предмети поврзани со поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.
На црната американска листа е и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко. Тој минатата година во САД го прогласија за „персона нон грата“ поради вмешаност во значителна корупција, злоупотреба на фондови и мешање во судството.