Од СДСМ со став дека зад разрешувањето на јавниот обвинител Љубомир Коцевски од страна на ДПМНЕ, се крие желбата на оваа позиција да именуваат „свој човек“. Во меѓувреме од партиската кујна на Белата палата, не излегува името кое треба да го замени актуелниот јавен обвинител.
Од опозициската партија тврдат дека зад разрешувањето на Јавниот одбвинител се крие обид за инсталација на партиски послушник и затоа ги повикаа сите демократски сили, граѓаните, правните експерти и меѓународните институции да го следат овој процес и да не дозволат да биде уништена независноста на правосудната власт. ‘Функцијата Јавен обвинител на Република Северна Македонија мора да остане независна и да се врши без било какви политички притисоци’.
Членот на Правната комисија на СДСМ, Александар Алексовски, обвини дека во Македонија се случува процес на партизација и политички упад во правосудниот систем на државата од страна на власта.
„Без разлика дали се согласуваме или не со работата на Републичкиот јавен обвинител, јасно е дека делувањето на ВМРО-ДПМНЕ е со единствена цел: да изврши упад во независноста на правосудната власт и да инсталира обвинител кој ќе биде послушник на власта. Ова значи газење на демократијата, газење на уставната поделба на власта и враќање кон мрачните времиња на контролирани судии, обвинители и судски процеси. Не станува збор за изолиран случај туку за политичка намера“, рече Алексовски.
Додека Мицкоски ги најавува реформите во судството во Судскиот совет „влезе“ сопруга на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, а пак, сопартиец на првиот заменик премиер Изет Меџити се „смести“ во Советот на јавни обвинители.
Според СДСМ ваквите чекори на коалициските патрнери ДПМНЕ и ВРЕДИ не се реформи туку класична партизација бидејќи Мицкоски преземајќи целосна контрола врз институции кои треба да се независни, на буниште ги фрла реформите во правосудството. Од таму се сомневаат дали, постапката за разрешување е покрената затоа што обвинителот не прифатил да постапува по политички диктирани случаи?
„Изјавите на извршната власт дека нема да го земе предвид мислењето на Советот на јавни обвинители се спротивни на законот и сите правни стандарди. Во Законот за јавно обвинителство – член 63, став 3, јасно е предвидено дека Советот на јавни обвинители треба да даде мислење по предлог на Владата. Ако ова не се почитува, тогаш власта и де факто и де јуре потврдува дека има намера да го поништи принципот на поделба на власта и да ги контролира правосудните институции“, предупреди Алексоски.