Од април годинава, околу 66.000 вработени во институциите на Европската унија ќе добиваат повисоки плати. Ова ќе биде седмо зголемување од почетокот на 2022 година, а како што пренесува Билд, ова е додаток за 2024 година. Минатата година платите требаше да бидат зголемени за 8 отсто. Но, дури и за Европската комисија тоа беше премногу, па Унијата ја искористи таканаречената „клаузула за умереност“ и платите првино беа зголемени за „само“ 7,3 проценти. Останатите 1,2 отсто следуваат сега, во април.
Ова значи дека минималната основна плата (без бенефиции кои не се оданочуваат) ќе се зголеми од 3.361 евра (почеток на 2024 година) на 3.645 евра од април.
Највисоката плата се зголемува од 23.262 евра на 25.229 евра. Од ова зголемување ќе имаат корист и членовите на Европската комисија.
Основната плата на претседателката Урсула фон дер Лајен е зголемена за повеќе од 2.700 евра од почетокот на 2024 година, на околу 34.800 евра месечно. Еврокомесарите ќе заработат околу 28.400 евра или 2.200 евра повеќе.
Како им се пресметуваат платите?
Платите на еврократите се пресметуваат по сложена формула. Се зема предвид инфлацијата во Брисел и Луксембург, како и трендовите на платите во јавните служби на земјите-членки.
Вообичаено е платите да се зголемуваат еднаш годишно, ретроактивно од 1 јули. Но, поради високата инфлација во последниве години, беше искористена посебна одредба и дел од покачувањето беше исплатено уште на 1 јануари. Затоа, од 2022 година, вработените во ЕУ добиваат повисоки плати и на 1 јануари и на 1 јули.
Оваа година може да има дури три покачувања на платите. Доколку стапката на инфлација не падне, додатокот за 2024 година прво би се исплатил од април, по што ќе следи предвремено зголемување ретроактивно до јануари на средината на годината, а подоцна и преостанатото зголемување од 1 јули. Ова остава простор за значителни промени во наградувањето на вработените во институциите на ЕУ во текот на годината.