На денешното продолжение од амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2025 година не беа прифатени над 20 амандмани поднесени од СДСМ, три амандмани од ДУИ и два од Левица. Пратениците од СДСМ повлекоа осум амандмани.
Амандманите што се разгледуваа денеска во најголем дел се однесуваа на изградби на водоводни и фекални канализации во населени места, изградба на улици, а имаше и такви за приклучување на поликлиниката Ѓорче Петров кон гасоводната мрежа, како и за реставрација на вагоните во МЖ Железници.
Амандманската расправа почна на 19 ноември, а треба да заврши најдоцна до утре. Поднесени беа вкупно 307 амандмани од кои 204 на опозициската СДСМ.
По амадманската расправа како Дополнет Предлог – Буџет документот се враќа во Владата на финално одобрување по што согласно законските рокови, треба да биде изгласан во Собранието до крајот на оваа календарска година. Се очекува седницата за носење на Буџетот за 2025 година да биде закажана во втората недела во декември.
Вкупните приходи во Предлог-буџетот се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41.350 милиoни денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП. Инфлацијата се очекува да се намали на ниво од 2,2 проценти, како резултат на стабилизирањето на цените на основните прехранбени производи и на енергенсите на меѓународниот пазар, забавувањето на странската ефективна инфлација, како и поумерениот притисок од базичната инфлација. Извозот се очекува да има раст од 4,2 проценти, а увозот од 4,4 проценти како резултат на очекувањата за постепено стабилизирање на меѓународното опкружување и зголемувањето на надворешната побарувачка.