Концепцијата на власта за гимназиско образование предизвикува револт и неизвесност кај професорите и кај учениците

Професорите по филозофија, но и по социологија, латински јазик и психологија алармираат дека со предложените реформи на гимназиското образование им се укинуваат предметите. Министерството за образование тврди дека не се укинуваат, но се предлага сите да бидат изборни предмети во трета и во четврта година. Професорите стравуваат и за работните места и за образованието на учениците.

Апелираме да се вразуми министерката Јаневска, да отвори Јавна дебата, да ги земе во предвид сите мислења, да направи сериозна анализа, а не онлајн анкети, за да се избегнат сериозни последици по образованието на младите.

Но, освен дискусија, предложеното предизвика и револт кај гимназиските наставници по Филозофија, Логика и Етика. Тие преку отворено писмо се изјаснија против предлогот.

„Оваа концепција, во која се отстранети филозофијата и општествено-хуманистичките науки нуди ограничен светоглед без можност за аналитичко, синтетичко, критичко и креативно мислење“ порачаа гимназиските наставници.

Додека наставниците прашуваат како ќе мислат учениците ако не ги знаат законите на логиката или како ќе бидат доблесни, ако не ги знаат начелата на етиката, Министерката за образование и наука Весна Јаневска, во вчерашната изјава за медиумите порача дека предметите филозофија и логика не се исклучени од концептот.

„Не е точно, ниту филозофија, ниту логика се исклучени. Но, како и да е, ова е драфт верзија поставена на јавна расправа“, рече министерката Јаневска.

Сега, предметот филозофија задолжително го изучуваат гимназијалците во четврта година. Новата концепцијата предлага да биде изборен за учениците во трета и четврта година.

За жал, наместо унапредување на критичкото размислување, предметите како Филозофија, Социологија, Педагогија, Логика и Етика се маргинализираат или целосно се укинуваат, укажуваат од СДСМ.

Даниела Николовска пратеничка од СДСМ вели:

„Нашето образование мора да едуцира млади луѓе кои ќе знаат како да размислуваат, а не што да мислат. Едноставно не сакаме да мислиме дека на една министерката за образование и пречи развојот на критичката мисла, па затоа сака да ја оневозможи.“

Зачлени се на нашиот е-билтен