Шпанскиот град Валенсија денеска и утре ќе биде домаќин на Конгресот на Европската народна партија (ЕПП), кој, како што се најавува, „ќе послужи како момент на единство“ за ова политичко семејство во време кога партиското раководството „се стреми да го исцрта курсот за наредните години“.
– Конгресот ќе понуди можност за размислување, за чествување на изминатата година и за инспирација, во време кога ги почитуваме нашите минати достигнувања и се соочуваме со критични прашања, како што се војната во Украина, зголемувањето на трошоците за живот и растечките закани од популизмот и екстремизмот, се наведува во најавата за Конгресот.
Предвидено е на Конгресот да биде избрано новото претседателство на ЕПП, односно претседател, 10 потпретседатели, генерален секретар и благајник.
Покрај ова, делегатите на Конгресот треба и да усвојат и 20 резолуции на различни теми, од кои на една, насловена „Одговарајќи на демографската зима“, како ко-предлагач се јавува и ВМРО-ДПМНЕ. Останатите резолуции, меѓу другото, се однесуваат на јавните инвестиции, владеењето на правото, кризата со домувањето во Европа, безбедност на храната и водата, климатските вонредни состојби, миграцијата, конкурентност, систематската репресија во Венецуела, состојбите во Украина, Ерменија и Грузија, „изборниот интегритет во Албанија“, кипарското прашање, верските слободи во Белорусија и „итната потреба од ослободување на сите заложници што ги држи Хамас“.
Единствен кандидат за претседател е актуелниот вршител на оваа функција и шеф на пратеничката група на ЕПП во Европскиот парламент, Германецот Манфред Вебер.