До 30 јуни е отворен Конкурсот за стипендии „Борис Трајковски” за постдипломски студии за паневропската извршна МБА-програма на Универзитетот Јорк, за академската 2025/2026 година, што се доделуваат согласно Протоколот за соработка меѓу Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, Министерството за образование и наука и Сити колеџ, Европски кампус на Универзитетот Јорк, Обединето Кралство.
Стипендиите покриваат уписнина за 20 студенти за вонредни двегодишни студии од втор циклус во рамки на Паневропската извршна МБА-програма, со двојна диплома – од Универзитетот Јорк и од Универзитетот во Стразбур, која се реализира во Солун.
Областите за студии се: Општ менаџмент, Маркетинг, Финансии, Менаџмент во логистика, Менаџмент во здравство и Менаџмент на човечки ресурси.
На Конкурсот може да се пријават стручни лица од различни профили и бизнис-менаџери вработени во компании од приватниот и од јавниот сектор.
Стипендија ќе добијат најдобрите дваесет кандидати според критериумите од Конкурсот и според ранг-листата изготвена од Комисијата за избор.
Вкупната школарина за МБА-програмата е 14.890 евра по студент, од кои по половина од средствата, односно по 7.445 евра, ќе покријат Универзитетот и Владата на Република Северна Македонија.
Паневропската извршна МБА-програма е предвидено да се реализира во Солун за време на викенди. Корисниците на стипендии треба да патуваат во Солун најмногу до еден викенд во месецот во период од две години и да учествуваат на студиските посети во траење од три недели: една недела на Универзитетот Јорк, Обединето Кралство, една недела на Универзитетот во Стразбур, Франција, и една студиска недела во Солун.
Сите предавања ќе бидат на англиски јазик. По успешно завршување на дуалната МБА-програма, студентите ќе добијат две дипломи за извршни мастер студии по деловна администрација – од Универзитетот Јорк и од Универзитетот во Стразбур.
Стипендиите ги покриваат само средствата за уписнина. Останатите средства (патни трошоци, сместување и други животни трошоци) се на товар на кандидатот.
Во Конкурсот што е објавен на веб-страницата на МОН се наведени условите за пријавување, критериумите за избор, документите што треба да се поднесат и начинот на аплицирање. Рокот за пријавување завршува на 30 јуни.