Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Кос со порака од Давос: Проширувањето на Унијата треба да е заслужено

„Проширувањето на Европската унија е процес заснован на заслуги, а не на временска рамка“, рече Марта Кос, еврокомесар за проширување, во дискусијата „Прошири за напредување: Дали Европа ќе расте? на Светскиот економски форум во Давос.

„Понекогаш слушам: земјите од Западен Балкан чекаат толку долго. Не се работи за тоа колку долго чекаат. Прашање е на нивната политичка волја и колку се способни да исполнат“, посочи Кос.

Според неа, Европската унија внимателно следи што се случува во земјите кандидати за членство и тие се генерално обврзани да исполнат одредени услови по принципот „земи или остави“.

„Жал ми е што го кажувам тоа толку отворено“, рече Кос, додавајќи дека сега не постои можност да се преговара за фундаментална вредност што е важна за ЕУ.

Таа ја истакна важноста на владеењето на правото за земјите кои сакаат да влезат во Европската унија.

„Има некои земји во Европската унија кои не го почитуваат владеењето на правото и кај многу членки видовме страв дека тоа може да и наштети на ЕУ во смисла дека не смееме да пуштиме ниту една земја која не е 100 проценти подготвена за влез во Унијата, не само од аспект на економијата“, додаде Кос.

Како што наведе таа, економската и геополитичката ситуација во светот е променета откако Хрватска влезе во Европската унија во 2013 година, како последна земја што го направи тоа, а сега многу поголем акцент се става на вредностите и владеењето на правото, што е рефлектирана во новата методологија за кандидати од 2020 година.

Не само што кандидатите мора да бидат подготвени за Европската унија, туку и ЕУ мора да биде подготвена за нив, што е огромна промена од времето кога Словенија влезе во Европската унија во 2004 година.

„Со оваа рунда од процесот на проширување или пристапување некако се враќаме на основите, на корените – затоа е основана Европската Унија, а основните принципи се мирот, слободата и просперитетот, како и безбедноста, што е многу важно денес“, изјави Кос. 

Зачлени се на нашиот е-билтен