Заговарањето за зголемување на старосната граница за заминување во пензија е уште еден во низата удари кои во изминативе шест месеци беа нанесени на грбот на работниците. За СДСМ, идејата за зголемување на старосната граница за заминување во пензија е штетна и ние во целост ја отфрламе, вели потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова.
-Овие најави совршено се надоврзуваат на основните принципи на функционирање на Владата на ДПМНЕ и Мицкоски: експлоатирањето на трудот на работниците без никакво најави за зголемување плати, накалемувањето нови долгови и камати за унгарскиот заем, кои граѓаните се приморани да ги плаќаат од свој џеб, давањето приоритет на интересите само на неколкутемина големци блиски со ДПМНЕ, сега се надополнети и со најавата за зголемување на старосната граница за заминување во пензија на 67 години, вели Костова.
Потпретседателката на СДСМ го потенцира фактот што барањето од Фискалниот Совет го образложуваат поради воведувањето линеарно зголемување на пензиите. -Тоа значи дека повторно за лошиот популизам на ДПМНЕ е предвидено да платат граѓаните, овој пат со зголемување на прагот за пензионирање. Политичките одлуки на ДПМНЕ имаат висока цена, за која која се заговара да ја платат граѓаните. Тие ќе мора да работат подолго за да се финансираат зголемените трошоци за пензии, наведува таа.
Ваква мерка ќе придонесе за дополнителна дестимулација за вработување на младите, кои поради неповолните услови за пензионирање, уште повеќе ќе си го бараат чарето надвор од државата.
-Но, кога размислувам за зголемувањето на прагот за пензионирање, најмногу мислам колку тоа би било нефер кон генерациите кои наскоро треба да се пензионираат. Мислам на мајка ми, која за неколку месеци треба конечно да се пензионира, а после повеќе од 40 години стаж во штипските текстилни фабрики, со незнаени прекувремени неплатени, со ниски плати, во нестабилни времиња. Како, впрочем, и сите нејзини колешки, и сите луѓе од тие генерации, кои сиот свој работен век го поминаа работејќи во тешки услови, жртвувајќи се за подобро утре. Овие луѓе се и повеќе од изработени. После толку децении макотрпна работа, заслужуваат да имаат мирна старост со достоинствени пензии. Тој мир не смее никој да им го одложи или скрати, вели потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова.