Русија денеска соопшти дека е клучно да се почне дијалог со САД за контрола на вооружувањето, откако американскиот претседател Доналд Трамп упати широк повик до нуклеарните сили да се ослободат од таквото оружје.
Кремљ смета дека оваа дискусија треба да ги вклучи и европските нуклеарни арсенали, особено откако францускиот претседател Емануел Макрон оваа недела предложи дека ќе ја прошири заштитата со француски нуклеарни бомби и на другите земји на континентот.
Трамп, кој најави денуклеаризација како приоритет на неговиот втор мандат, вчера рече дека би било одлично ако сите се ослободат од нуклеарното оружје.
– Знам дека Русија и ние имаме убедливо најмногу. Кина ќе ја има истата количина во рок од четири до пет години. Би било одлично сите да се денуклеаризираме бидејќи моќта на нуклеарното оружје е луда, додаде Трамп.
Коментирајќи ги овие изјави, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека е неопходен дијалог меѓу Русија и САД за контрола на оружјето, особено во однос на стратешката стабилност.
Тој нагласи дека прашањето за европскиот арсенал стана поитно по говорот на Макрон во средата во кој тој ја нарече Русија закана за Франција и Европа.
Русија смета дека говорот содржел закани и навестувања за нуклеарна уцена. Кремљ тоа го нарече конфронтирачко и обид на Франција да го преземе нуклеарното лидерство во Европа.
Русија и САД се најголемите нуклеарни сили во светот. Секоја од нив има околу пет илјади нуклеарни боеви глави. Кина има 500, Франција 290, а Британија 225, покажуваат податоците на Федерацијата на американските научници.
Постојниот договор меѓу САД и Русија за ограничување на бројот на нуклеарни боеви глави истекува во февруари следната година. Руски функционер предупреди минатиот месец дека изгледите за обновување на договорот, познат како СТАРТ, не изгледаат ветувачки.
Трамп минатиот месец рече дека сака да разговара со неговите руски и кинески колеги Владимир Путин и Си Џинпинг за ограничување на нуклеарниот арсенал. Тој не даде временска рамка кога тоа може да се случи, но рече дека тоа би можело да биде во не толку далечна иднина.